Две лица загинаа откако ги затрупа земја во канал на кој работеле во населбата Чаир, во близина на основното училиште „Петар Здравковски Пенко”. Едно лице при лизгањето на земјата која се наоѓала над ископот е повредено, но е надвор од животна опасност. Работниците биле внатре во каналот, кога во еден момент земјата лизнала и ги затрупала.
„Околу 11 часот пријавено е дека на улица Кемал Сејфула спроти поликлиника ‘Чаир’, при вршење ископ на земјиште со багер за водоводна мрежа, дошло до лизгање на земјиште и притоа во каналот од лизгањето затрупани се три лица кои работел ена ископот. Две од затрупаните лица (26 и 28 години) починале на лице место, додека третото лице (54 години) со возило на Итна медицинска помош е пренесено во болницата ‘Наум Охридски’ за укажување лекарска помош. Известени се Јавното Обвинителство и Трудовиот инспекторат“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од Брза помош велат дека добиле повик во 11.05 часот за затрупани работници во канал, со можност и за смртен случај и веднаш испратиле медицинска екипа.
„Беше повикана и Пожарната бригада на Град Скопје за да може да се извлечат телата кои беа затрупани со земја. Ископувањето одеше потешко. Еден од повредените беше во свесна состојба, главата му беше над земјата и тој е пренесен во Градската општа болница и е во добра општа состојба со болки во телато. За жал другите двајца работници кои беа целосно затрупани, кога откако беа извлечени немаа витални знаци за живот“, вели Марина Сотировска одговорна на смена во Брза помош.
А. АНТЕВСКА