Екипи на ЈП „Улици и патишта“ денеска поставуваат столпчиња пред хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје. Досега на плочникот имаше само подвижни знаци од хотелот, кои вработените ги тргаа и им дозволуваа на гостите слободно да се паркираат.
Од претпријатието велат дека плочникот пред хотелот, што е влез на Плоштадот Македонија, постојано е окупиран со паркирани коли од гости.
„Интервенираме по налог на инспекторатот на Град Скопје. Секој ден на овој дел вриеше од коли. Освен што беше блокиран влезот на плоштадот, се создаваше и хаос во движењето на возила на улицата“, велат од ЈП „Улици и патишта“.
Утрово додека работниците од претпријатието работеле, вработени во хотелот реагирале и барале да не им се затвора влезот.
А. АНТЕВСКА