Лондонскиот градоначалник Садик Кан ги офрли плановите за изградба на Лалето, зграда висока 305.3 метри, иако претходно Градскиот совет ја одобри зградата на архитектонското студио „Фостер+партнерс“.
Кан го одби планот „затоа што ќе овозможи огранична јавна корист за Лондон и затоа што не е архитектура од светска класа која се бара за да го оправда постоењето“. Според плановите, платформата за набљудување и атракцијата, возењето со гондола, немаше да бидат бесплатни за јавноста.
Основачот на студиото Норман Фостер на почетокот на годинава го бранеше проектот, и кажа дека ќе биде висока зграда, која ќе има шанса да стане новиот светски симбол за Лондон.
„Главно, градоначалникот верува дека дизајнот нема доволен квалитет за таква локација, и дека кулата ќе му наштети на погледот на лондонското небо и ќе влијае на погледот на соседната Лондонска кула (Tower of London), која е прогласена за светско културно наследство. Кан верува дека зградата ќе придонесе да се намали јавниот простор“, изјави портпарлот на Кан.