По пауза од 9 месеци, осудениот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков, кој е обвинет во уште два предмет на СЈО, си го побарал пасошот кој му е во Основниот суд Скопје 1. Обвинителката Фатиме Фетаи не дала одобрение, за разлика од Катица Јанева која без знаење на обвинителката Лиле Стефанова во „Империја“ им ги врати пасошите на Орце Камчев и други осомничени. Судот ќе одлучува од понеделник.
Мијалков е осуден на три години затвор по обвинение за „Тврдина 2“, кое го застапуваше Фетаи. Пасошот му е одземен на барање на Фетаи, како мерка за обезбедување присуство додека трае жалбената постапка.
Од неговите адвокати дознаваме дека Мијалков бил револтиран, бидејќи од истата причина, желудочни киселини и консултации за операција, СЈО му го вратило пасошот на осомничениот газда на „Пелистерка“ Цветан Панделески.
Јанева без прашање на обвинителката Стефанова дала одобрение времено (до ноември) им им бидат вратени пасошите на Камчев за едукација, на Панделески за лекување во странство на желудникот, и на други осомничени.
На 3 јуни, обвинителите на СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека на телевизија го виделе Камчев во публика и на подиумот на ракометниот меч Вардар-Веспрем во Келн на 2 јуни, и така разбрале оти Камчев може да патува во странство. Јавноста уште негодува за таа постапка на Јанева.
- НА ОРЦЕ КАМЧЕВ СУДОТ МУ ГО ВРАТИ ПАСОШОТ, СЈО ВИДЕЛО НА ТЕЛЕВИЗИЈА ДЕКА Е ВО КЕЛН
- НА КАМЧЕВ МУ Е ВРАТЕН ПАСОШОТ ЗА ДА СЕ ЕДУЦИРА, ВЕЛИ СУДОТ
С. К. ДЕЛЕВСКА