Четирите политички партии потписници на Пржинскиот договор вчера ги усогласија документите кои треба да отворат пат за избори на 11 декември. Ако се оди според договореното Собранието треба да се распушти на 10 октомври.
Во петок на собраниска седница ќе се гласаат законските измени кои четирите партии ги договорија минатата недела. За преодна влада сто дена пред избори, ќе се менува Законот за Влада.
Законот за внатрешни работи ќе претрпи измени по неколку основи. Првин треба да се изгласа неговата суспензија, односно одложена примена за една година, а на министерот за внатрешни во преодната влада, ќе му се дозволи да направи 15 смени во менаџерските структури на МВР и да смени 10 отсто од раководните лица по по хоризонтална линија.
Во петок треба да се изгласаат и измени во законот за медиуми и да се воведе петчленото ад-хок тело што го договорија потписниците на Пржинскиот договор минатата недела. Тоа ќе биде составено од партиски предлози, а треба да ги контролира објавите во медиумите 100 дена пред одржувањето на изборите.