Лекарската комора и Министерството за здравство побараа заштита за лекарите и сестрите и казни за насилниците, укажувајќи дека напад врз здравствен работник и соработник при вршење здравствена дејност е недозволиво и казниво според Законот за здравствена заштита, откако синоќа во поликлиниката Драчево пациент физички нападнал медицинска сестра. Вчераутро, пациенти нападнаа доктор во тетовската болница, кој со сериозни повреди беше префрлен во Клиничкиот центар во Скопје.
„Вчера околу 20.50 часот, во СВР Скопје е пријавено дека во Поликлиниката Драчево Ј. Г. (41) физички ја нападнал М. Л. (60) медицинска сестра. По документирање на случајот, Министерството ќе поднесе соодветна пријава“, соопшти МВР.
Лекарската комора бара од институциите и пациентите да им овозможат на здравствените работници да си ја работат работата без страв за сопствениот живот.
„Жално е и тажно што во два последователни дена, Лекарската комора мора да реагира на ова што им се случува на здравствените работници. Загрижени сме од слоботата која пациентите ја чувствуваат за своето незадоволство го изразуваат со нетрпение, нервоза и насилство кон нас, како докторите, така и сестрите и болничарите. Лекарската комора бара од институциите да ги заштитат своите здравствени работници. Не само полициска заштита. Ги замолуваме нашите пациенти да ги видат нивните права, и да видат дека имаат обврска да го почитуваат оној што им пружа помош. Докторите со закон се прогласени за службени лица, но кога ќе бидат натепани или застрелани, тоа не помага многу. Соработниците на докторите не се службени лица. Луѓето кои се грижат за здравјето на другите луѓе заслужуваат почит“, вели претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева-Страделова.
Министерството за здравство вели дека напад врз здравствен работник и здравствен соработник е недозволив.
„Здравствените работници се грижат за здравјето на сите граѓани во нашата држава. Тие се оние кои прават сè за да се спасат човечки животи. Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност е недозволиво и казниво со закон според Законот за здравствена заштита“, велат од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА