Родителите на децата од основното училиште „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани, утре половина час ќе ја блокираат улицата Радишанска, откако на 5 септември деветгодишно дете беше прегазено од мотор. Жителите велат дека ова основно училиште се наоѓа на самата улица и секојдневно стравуваат кога децата им одат на училиште.
На улицата нема поставено легнати полицајци или друга сообраќајна пречка што ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги принуди возачите да ја намалат брзината.
„Не само мотори, туку и автомобили со голема брзина се движат низ улицата. И од поранешниот градоначалник на Општина Бутел и од сегашниот Велимир Смилевски бараме да се најде решение. Но, никој не презема ништо. Минатата недела ученик беше прегазен од мотор и беше повреден. Зар треба некое дете да загине па да им текне да направат нешто? Ќе протестираме секој ден од 7 до 7.30 часот сѐ додека градоначалникот Смилевски не покаже интерес за овој проблем и ни понуди соодветни мерки за зголемување на безбедноста“, велат родителите на децата од училиштето „Ацо Шопов“.
Минатата недела по несреќата со ученикот од четвртто одделение, градоначалникот Велимир Смилевски изјави дека улицата Радишанска е под надлежност на Град Скопје, но заедно ќе најдат решение за да се зголеми безбедноста во овој дел од општината.
А. АНТЕВСКА