Сопственикот на охридското кафуле „Аквариус” денес почна со уривање на терасата која е дивоградба. Терасата на „Аквариус“ е неколку метри влезена во езерото.
Овој угостителски објект е прв кој постапи според препораките на Општината и на УНЕСКО за отстранување на дивоизградените објекти.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ги повика сопствениците на дивоградбите сами да ги урнат нелегалните објекти во спротивно тоа ќе го спроведе локалната власт. На овој апел се одзваа поголем број угостители, но набргу се премислија и побараа нови средби и разговори со општинската власт.
Општина Охрид во согласност со препораките на УНЕСКО направи Регистар на нелегални градби. Идентификувани се 1.076 предмети за кои е констатирано прекршување на Законот за градење. Од нив, 409 се лоцирани во заштитниот појас.
Д. ЧУБРИЌ