ЧЕШКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ СО ФОТОИЗЛОЖБА И ФИЛМОВИ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 30 ГОДИНИ ОД КАДИФЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

    ЧЕШКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ СО ФОТОИЗЛОЖБА И ФИЛМОВИ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 30 ГОДИНИ ОД КАДИФЕНАТА РЕВОЛУЦИЈААмбасадата на Чешка во Скопје со повеќе настани ќе одбележи 30 години од Кадифената револуција во Чехословачка

    Со изложба, филмови и промоција на книга, Амбасадата на Чешка во Скопје ќе одбележи 30 години од Кадифената револуција во Чехословачка, која на 17 ноември 1989 во Прага ја поттикнаа студентите. Најпознатиот современ чешки писател Михал Вивег ќе биде гостин на Европскиот фестивал за литература 2019 Букстар, кој почнува денес во организација на издавачката куќа „Антолог“. Ќе има дебата со Вивег, како и промоција на една од неговите најпознати и најпродавани книги „Воспитување девојки во Чешка“, според која беше снимен и филм во 1997.

    Вистински фотографии кои го имаат документирано историскиот настан ќе бидат дел од изложбата „1989 низ очите на фотографот“, серија од фотографии направени за време на големите протести, која ќе се отвори на 29 октомври во Амбасадата на Чешка во Скопје.

    На Фестивалот на европски филм Синедејс во ноември ќе се прикажат филмови како „Граѓанинот Хавел“ во режија на Мирослав Јанек и Павел Коутецки, „Чад“ во режија на Томаш Ворел, „Животот според Вацлав Хавел“ во режија на Андреа Седлачкова, „Времето на слугите“ во режија на Ирена Павласкова.

    Во Македонскиот народен театар (МНТ) на 8 ноември ќе се изведе една од најпознатите претстави на Вацлав Хавел „Аудиенција“ напишана во 1975.

    На меѓународниот филмски фестивал на духовни и хумани човекови вредности „Богородичен покров“ ќе има проекција на два чешки документарни филма „Црвена“ од режисерката Олга Сомерова и „Мојот век“ од режисерката Теодора Ремундов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира