Премиерот Зоран Заев верува дека потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски е невина во случајот „Рекет“ кој го отвори Обвинителството за малверзации со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13. Заев денеска кажа дека Ременски времено ќе биде суспендирана од сите партиски органи и тела, односно до докажување на невиноста во судскиот порцес.
„Демократските партии водејќи се од презумцијата на невиност носат времена суспензија. Ременски е член на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ и од тој аспакт суспензијата дава можност да не ја користи нејзината партиска и политичка моќ во докажување на невиноста. Јас верувам во нејзината невиност, во презумцијата на невиност, но јас сум јас, а тоа треба да се докаже во судските процеси. Верувам дека Фросина ќе ја докаже невиноста и тогаш вратите повторно се широки отворени да се врати во телата и органите на партијата“, кажа Заев одговарајќи на новинарско прашање во Собранието после доделувањето на наградите 11 Октомври.
Основното обвинителство за организиран криминал и корупција на 8 октомври отвори нова истрага „Рекет“ во која првоосомничен е Бојан Јовановски-Боки 13. Осомничени се и Ременски, татко му на Боки 13 Миле Јовановски, потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ и нејзината асистентка.
Судот завчера ѝ одреди куќен притвор на Мандиќ поради опасност од бегство, уништување на докази, влијание врз сведоци и други основи. Мандиќ се товари за измама и перење пари во износ од засега утврдени милион евра, кои првоосомничениот Боки 13 ги зел со измама од двајца бизнисмени, наведувајќи ги дека ќе ги инвестира во нивна корист за изградба на домови за стари лица.
Првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13 е осомничен за кривичните дела „Измама“ „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „Измама“, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ .
А. АНТЕВСКА