АКО НЕ ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ НЕМА НИШТО ДРАМАТИЧНО ДА СЕ СЛУЧИ НА БЕЗБЕДНОСЕН ПЛАН, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ

    АКО НЕ ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ НЕМА НИШТО ДРАМАТИЧНО ДА СЕ СЛУЧИ НА БЕЗБЕДНОСЕН ПЛАН, КАЖА ПЕНДАРОВСКИПретседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска на прославата на Денот на Здружената оперативна команда (ЗОК), во касарната „Боро Менков“ во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Се прават последни дипломатски напори Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, кажа претседателот Стево Пендаровски, од прославата на Денот на Здружената оперативна команда (ЗОК), во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

    „Работата не е завршена, денеска почнува заседанието на највисоко ниво, на шефови на држави и влади. Проширувањето е на дневен ред утре околу пладне. Јас немам сигурен став дека ќе биде ригидно одбиено нашето барање за отпочнување на пристапни преговори, затоа што премиерот Заев и министрите Османи, Димитров и јас лобираме до последен момент да добиеме формулација која што навистина ќе ги вреднува нашите напори во изминатиот период“, рече Пендаровски.

    Тој смета дека ако не добиеме датум за преговори нема ништо драматично да се случи на безбедносен план, бидејќи тоа го гарантираат институциите.

    „Најголема потврда за ова што го зборувам е тоа што ратификацијата за нашето полноправно членство во НАТО оди со забрзана динамика, 24 од 29 земји, евентуалното техничкото одложуваме од страна на Шпанија може да го пролонгира тоа за некој месец, но ние дефинитивно стануваме полноправна земја-членка на најсилната алијанса во историјата на светот. Од тој аспект, имаме дополнителна гаранција дека 29 други земји членки ќе ни асистираат ако биде потребно. Затоа, од тој аспект граѓаните треба да бидат апсолутно спокојни“, рече Пендаровски.

    Тој вели дека беше значајно да добиеме што порано датум за преговори со ЕУ, за да се навлезе во подлабоки реформи со асистенција на Брисел. Ако не добиеме датум за преговори, државата останува посветено да работи за влез во ЕУ, кажа Пендаровски.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира