Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара предвремени избори и средба на државниот врв, како единствено решение, како што рече, за излез од кризата настаната со недобивање датум за почеток на преговори со Европската Унија. На прес-конференцијата Мицкоски кажа дека Зоран Заев и неговата Влада се виновни за недобивањето датум од ЕУ.
„Нема датум оти нема реформи, а имаме систем на распаѓање и власт која не испорачува правда. Не е Франција виновник, од Франција треба да земеме пример како треба да се однесуваме како општество. Но, со политичари како Зоран Заев тоа ќе биде невозможна мисија“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека членството во Европската Унија е цел кон која се стреми неговата партија и со нивното доаѓање на власт по предвремените избори тоа ќе се случи. Мицкоски повика итна средба на државниот врв на која ќе бидат договорени изборите.
„Народот бара и посакува избори како и јас. Тоа е единствено решение за да се надмине кризата. Колку и да се противи власта, изборите ќе дојдат. Очекувам Заев денеска да си даде оставка, иако тоа требаше да го направи многу порано. Потоа, да се распушти Собранието и да се формира техничка влада 100 дена пред избори“, кажа Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека ќе прифати лидерска средба која би ја свикал претседателот Стево Пендаровски, како што се најавува.
А. АНТЕВСКА