Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање во јавноста откако Европскиот совет не донесе одлука земјата да почне преговори со ЕУ, рече дека ги повикал лидерите на најголемите парламентарни партии на лидерска средба в недела и дека сите ја прифатиле.
„Во овие моменти најмалку што ни е потребно е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени земји членки на Унијата и без потреба да ја трошиме енергијата во кревање политички тензии“, рече Пендаровски.
Тој рече дека, за жал, заклучоците на Советот не се такви согласно нашите оправдани очекувања и дека не се според претходните најави од Унијата, која на самитот во јуни во својот извештај кажа дека земјата ги исполнила сите предуслови за почеток на преговорите и дека од технички причини поради штотуку завршените избори за Европскиот парламент одлуката ќе биде донесена во октомври.
„Разбирливо е што во овие моменти постои чувство на разочараност, но емоциите на страна. Мора трезвено да се соочиме со новата реалност. Ниту една политичка одлука не е за вечни времиња, ниту еден развој на настаните не е конечен“, рече Пендаровски.
Тој рече дека имаме многу искрени пријатели и сојузници во Европа е дека немамем непријатели, туку дека постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и дека во тоа нема ништо спорно.
„Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашшите интереси како што се борат за сопствените интереси. Нивната поддршка е искрена и без задршка, а за тоа се уверив од моите посети во Берлин, Брисел, Виена и Љубљана. Убеден сум сите тие дека ќе продолжат да не поддржуваат независно од развојот на настаните во иднина“, рече Пендаровски.
Тој рече дека и натаму треба порешително да се продолжи со реформите, бидејќи ако граѓаните не ги видат европските стандарди на живеење само формалното членство во Унијата никому не му е потребно.
Претседателот кажа дека независно од одлуките на европскиот совет договорите со Бугарија и Грција мора да се почитуваат и да се спроведат со фер пристап од девете старни, бидејќи се темел на добрососедски односи и на регионалната соработка и стабилност.
„Но, исто така важни се и внатрешните реформи за целосна интеграција и рамноправност на сите етнички заедници мора да продолжат оти се предуслов за внатрешната кохезија и стабилноста на државата“, рече Пендаровски.
Е. БОЧВАРОСКА