Германија и натаму смета дека започнувањето на пристапните преговори на Европската унија со Македонија е суштинско прашање за безбедноста и стабилноста во Европа и очекува земјата да ги интензивира реформите за да ги отфрли сомнежите дека нејзиното место е во ЕУ, соопшти германската амбасада во Скопје.
„Германија е на посебен начин поврзана со Западен Балкан, не само политички туку и економски и општествено, преку многуте луѓе од овој регион што живеат кај нас. Од заеднички европски интерес е да се интегрираат државите од Западен Балкан во Европската Унија. За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа. Германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 ја исполни оваа одговорност“, се вели во соопштението на германската амбасада.
Амбасадата вели дека позицијата на Германија не се промени, и таа и понатаму треба да служи како импулс за размислување за другите.
„И ние сме за тоа пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на Република Северна Македонија. Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле. Сметаме на тоа Северна Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ!“, вели германската амбасада.