МАКРОН НАВЕСТИ ДЕКА САКА ДА ДОЈДЕ ПРЕД ДА СЕ ЗНАЕ ДЕКА ЌЕ ИМА ИЗБОРИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ТИМОНИЕ

    МАКРОН НАВЕСТИ ДЕКА САКА ДА ДОЈДЕ ПРЕД ДА СЕ ЗНАЕ ДЕКА ЌЕ ИМА ИЗБОРИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ТИМОНИЕЗа недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, Тимоние кажа дека одговорност треба да преземат и земјите кои ветувале дека ќе има датум. - Кристијан Тимоние на денешната прес-конференција (Фото: МИА)

    Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека е неизвесна посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Скопје, бидејќи во земјава влегува во изборен период, поради предвремените избори закажани за 12 април. По состанокот на Европскиот совет на 17 и 18 октомври, кога Северна Македонија и Албанија не добија датум за почеток на преговорите, поради блокадата од Франција, Макрон најави дека сака да ги посети двете земји во наредните неколку месеци.

    „Претседателот навести на прес-конференција дека би сакал да дојде во наредните месеци во двете земји, но во моментот немам дополнителни информации. Би сакал само да додадам дека тоа беше пред најавата за избори, сега навлегуваме во посебен изборен период и немам дополнителни информации“, изјави Тимоние на денешната прес-конференција.

    За недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, Тимоние кажа дека одговорност треба да преземат и земјите кои ветувале дека ќе има датум.

    „Одредени земји дадоа ветувања, а потоа ја префрлија грижата на другите. Сега и тие треба да поднесат одговорност, а всушност јавноста беше подготвена, а тоа беше дополнителен притисок останатите земји членки за да се произнесат позитивно. Во јуни минатата година Бундестагот не беше подготвен, а требаше да се разговара за реалната состојба на реформите. Потоа мистериозно во текот на целото лето се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација за преспанскиот договор, а потоа се сменија перспективите“, рече францускиот амбасадор.

    Тој кажа и дека се наметнал впечаток дека Договорот од Преспа е единствен услов за почеток на преговорите, без да се разговара за реформите.

    „Требаше да се разговара за реформите, а потоа се случи чудна промена, тоа е дека поради Преспанскиот договор требаше да се даде позитивна оценка, а тоа не е само од власта, туку и од земји-членки. Од фундаменталните аспекти, се најдовме со прашања од геополитичка или геостратешка точка. Тоа не беше француската перспектива. Мислам дека перспективата, која од секогаш била јасна во француската страна беше пренесена на грчките и македонските соговорници, а таа беше загубена по пат“, вели Тимоние.

    За ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, Тимоние кажа дека Франција нема да блокира и дека процедурата е во тек и треба да заврши следниот месец.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира