Десет корисници на услугите на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово и двајца вработени се позитивни на коронавирус. Во домот се згрижени 135 лица.
Тестирањето било направено во петокот по барањето на домот, откако неколку вработени излегле позитивни, а дел од корисниците пројавиле симптоми. Биле тестирани 36 лица, 30 корисници и 6 вработени.
„На наше барање и поради околностите во коишто се најдовме го направивме ова тестирање. Мислевме дека можеби вирусот нема да не` погоди, меѓутоа за жал не останавме имуни, вирусот најде начин како да влезе во институцијата, а тоа се случи преку вработените бидејќи корисниците немаат излезено 7 или 8 месеци. Реагиравме веднаш и веруваме дека нема да се прошири,“ вели директорот Дејан Стојановски. Според него, корисниците се со благи до средно-тешки симптоми на болеста.
Позитивните се ставени во самоизолација, а во домот се доопремува и уште еден оддел којшто ќе биде наменет за истите потреби доколку се појават нови случаи.
С.НИКОЛИЌ