Тринаесетгодишно момче е повредено во пожарот кој настана денеска во стан во зграда на улицата Христо Смирненски број 14, во скопската Општина Центар.
Од МВР велат дека денеска во 12:38 часот во СВР Скопје е пријавено дека во стан во зграда на улицата Христо Смирненски во Скопје настанал пожар.
„Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а од пожарот со повреди се здобил 13-годишник, кој бил во станот, а со возило на Итна медицинска помош е пренесен во болницата ‘Свети Наум Охридски’ за укажување на помош“, вели МВР.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Ѕвонко Томески ни рече дека веднаш по дојавата на лице место се упатиле две противпожарни возила, кои затекнале опожарена тераса на првиот спрат во зградата. Пожарот бил брзо изгаснат, била викната Брза помош, а 13-годишното момче кое во моментот на пожарот било дома само, добил лесна опекотина на раката и било пренесено в болница. Томески вели дека причините за пожарот ќе ги утврди МВР.
Б. НЕСТОРОСКА



