80 КАЗНИ ДНЕВНО ПИШУВА МВР ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ, НО КЕЈОТ, ПЛОШТАДИТЕ И ТРОТОАРИТЕ СЕ ПРЕТВОРЕНИ ВО ПАРКИНГ

    80 КАЗНИ ДНЕВНО ПИШУВА МВР ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ, НО КЕЈОТ, ПЛОШТАДИТЕ И ТРОТОАРИТЕ СЕ ПРЕТВОРЕНИ ВО ПАРКИНГВо јануари полицијата пишала 1.838 казни, во февруари 2.725, а во март 3.041; - Паркирани возила на плоштадот Филип Втори. (Фото: СДК.МК)

    По 80 казни дневно пишува сообраќајната полиција во Скопје за неправилно паркирирани возила. Според податоците од Министерството за внатрешни работи,  во првите три месеци годинава биле казнети 7.604 граѓани. Во јануари биле пишани 1.838 казни, во февруари 2.725, а во март 3.041. Минатата година вкупно биле изречени 26.431 казна за непрописно пакирање или во просек по 72 дневно.

    Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК колку сообраќајни полицајци се вработени во СВР Скопје.

    Според Законот за безбедност во сообраќај, казната за непрописно паркирање на улица е 45 евра, а на пешачка зона 150 евра.

    Низ цело Скопје, во паркови, тротоари, на плоштадот Филип Втори, Кејот 13 Ноември и пред секое кафуле се паркирани коли. На плоштадот Филип Втори слободно се влегува бидејќи хидрауличните столпчиња се скршени, па на него преку цел ден има паркирано над 20 коли и комбиња. Кејот 13 Ноември иако има рампа е буквално сообраќајница на која влегува и се паркира кој стаса.

    Низ Дебар Маало, на улиците Ленинова и Орце Николов не може да помине пешак оти возила има не само на тротоарите туку и на улицата.

    Во вторникот вечерта, новиот парк кај зградата на Филхрамонија во најстрогиот центар кој Град Скопје уште го прави, беше преполн со паркирани коли и беше уништена штотуку засадената трева.

    Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов за ваквата слика низ градот во средата ни изјави дека тој нема ингеренции да казнува за непрописно паркирање туку МВР, а неговата пајак служба не може секаде да стаса да ги подигне возила кои окупираат јавна површина.

    Неколку час по објавувањето на тој текст на САКАМДАКАЖАМ.МК во новиот парк кај Филхармонија пајак службата почна да ги крева непрописно паркираните возила .

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари