АКО СЕ СКРАТИ РАБОТНОТО ВРЕМЕ НА КАФЕАНИТЕ ЗА НОВА ГОДИНА, ЌЕ СЕ СЛАВИ ПО ВИКЕНДИЦИ И ЌЕ ИМА НОВИ КОРОНАКЛАСТЕРИ, ВЕЛАТ ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ

    АКО СЕ СКРАТИ РАБОТНОТО ВРЕМЕ НА КАФЕАНИТЕ ЗА НОВА ГОДИНА, ЌЕ СЕ СЛАВИ ПО ВИКЕНДИЦИ И ЌЕ ИМА НОВИ КОРОНАКЛАСТЕРИ, ВЕЛАТ ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИГодинава во Охрид за првпат нема организиран дочек на Новата година, но и покрај забраната за групирање наголемо се издаваат вили и апартмани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Најавите за скратување на работното време на угостителските објекти за време на новогодишните празници, како мерка за спречување на заразата со коронавирус ги разлути охридските угостители. Сметаат дека ова е удар врз нивниот сектор кој и онака претрпува огромни штети од почетокот на пандемијата. Владата денеска треба да одлучува за предлогот на Комисијата за заразни болести, од 18 декември до 21 јануари кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот. Комисијата достави и препорака да нема групирање во станови за престојните празници, а препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

    „Угостителските објекти се еден сериозен ризик и затоа го ограничуваме работењето до 18:00 часот. Препорачуваме да нема домашни собири и да нема собири во викенд населбите. Забраната за групирање е на сила. Оваа зима е сериозен предизвик и мора сите заеднички да му помогнеме на здравствениот систем, а пред сѐ на нашите здравствени работници“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Од друга страна, велат угостителите, ваквата мерка ќе даде спротивни ефекти и врз ширењето на заразата со нови кластери, бидејќи луѓето би се собирале по станови и викендици, а тие приватни забави тешко дека некој може да ги контролира.

    „Ваквата мерка која што сега ќе биде на сила мислиме дека ќе постигне спротивен ефект бидејќи луѓето ќе се собираат настрана од урбаните средини, многу помалку ќе бидат контролирани, а со тоа развојот на болеста ќе биде поголем. Доколку работат угостителските објекти, движењето на луѓето ќе биде под контрола со самото тоа што ќе се почитуваат мерките за заштита. Ние не сме причина за ширење на заразата“ , вели Михаил Мишев, претседател на здружението Угостителски еснаф Охрид.

    Поради намалениот обем на работа и рестрикциите предизвикани од коронавирусот, изминатиот период голем број од вработените во угостителскиот сектор останаа без работа. Годинава за првпат нема организиран дочек на Новата година. Интерес има само за изнајмување вили и апартмани.

    „Повеќето хотели одлучија да нема воопшто дочек на Нова година. Во последно време има барање на приватни вили, го гледаме тоа по социјалните мрежи, најверојатно луѓето ќе слават во домашна атмосфера“ , вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

    Новиот пакет рестриктивни мерки предвидува и забрана за групирање во станови за престојните празници, односно укажува да се почитуваат препораките за собири во домови. На хотелите им се забранува работа на рестораните и баровите по 21 часот.

    На сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, што значи дека годинава ќе изостане и прославата на градскиот плоштад.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира