АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО СТРУМИЦА, БОСИЛОВО И НОВО СЕЛО СОБРАА ПОТПИСИ ЗА НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА „СТИГА Е!“ ЗА ИЗБОРИТЕ

    АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО СТРУМИЦА, БОСИЛОВО И НОВО СЕЛО СОБРАА ПОТПИСИ ЗА НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА „СТИГА Е!“ ЗА ИЗБОРИТЕНа листите освен активисти на „Здрава котлина“ се најдоа и граѓани кои се поддржувачи на заложбите за здрава животна средина. (Фото: СДК.МК)

    Активистите против изградба на рудници од Струмичко влегуваат во трка за освојување советнички места во Општините Струмица, Босилово и Ново Село. На локалните избори на 17 октомври, тие ќе настапат како независни советнички листи „Стига е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина“, со цел институционално да се спротистават на идејата за отворање рудник кај Иловица.

    Носител на независната листа „Стига е!“ за Струмица е Ѓорѓи Танушев, за Општина Босилово Стојан Велков -Трн, а за Ново Село Костадин Ристоманов. Тие се едни од водечките и најгласни активисти во борбата против рудник на планината Огражден. На листите освен членови на „Здрава котлина“ се најдоа и граѓани кои се поддржувачи на граѓанскиот активизам, но и на реалните заложби за здрава животна средина.

    „Се одлучивме на оваа постапка со цел и институционално да се спротиставиме на идејата за отворање рудник на планината Огражден, посебно сега кога Вишиот Управен суд постапката ја врати на почеток, а имаме сознанија дека можно е до крајот на годинава концесионерот да добие дозвола за работа. Освен против рудникот, нашата борба ќе биде и против сите загадувачи на животната средина, но да ја смениме праксата на црно-белиот полтички шаблон во општините во Струмичко“, ни рече Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.

    Иницијативата за собирање потиписи за независни граѓански листи во Струмица, Босилово и Ново Село ја ја достави „Здрава котлина“ во четвроткот. Тие синоќа објавија дека се собрани потребните потписи за да се официјализира нивната листа. Потсетија дека тие не се никаква продолжена рака на партиите, туку независни граѓански листи со цел да се отстранат партиските директиви, но и да се подигне свеста кај јавноста за граѓанскиот активизам.

    „Здрава котлина“ подвлече дека со евентуалнтоо влегување во Советите не значи дека ќе престанат со блокади, маршеви и протести против изградба на рудник кај Иловица.

    „Нашата борба преку ‘Стига е!’ е различна од партиската. Нашата борба не е за политичка превласт и седнување во фотелја. Преку овој потег отпорот против рудникот и загадувачите се проширува и на институционално ниво. Меѓутоа, тоа не значи дека ќе престанеме со нашиот активизам преку протести, блокади, маршеви и сè што е потребно да се спречи потенцијалниот масовен убиец на нашата природа. Нашите заложби се во насока на менување на досегашните закоравени и зачмаени гледишта во однос на заштитата и зачувување на природата“,  објави „Здрава котлина“.

    Освен „Здрава котлина“, потписи за независна советничка листа во Струмица се собираат и за листата од група избирачи на Шефкет Асанов, но и за кандидатурата за градоначалник на Василево поднесена од Иљо Ангов. Рокот за собирање на потписите истекува ноќва на полноќ.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира