Град Скопје не ја објавува листата на поддржани проекти од областа на културата за 2022. Учесниците на конкурсот се известени за резултатите, но имињата кој добил буџетски пари и за каков проект не се објавуваат јавно. Досега, со години листата на поддржани проекти се објавуваше јавно на сајтот на Град Скопје, а информација со сите имиња се испраќаше и до медиумите.
Годинава, освен што резултатите се донесени со доцнење од неколку месеци, тие се држат и во тајност.
Како и постојано досега, од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не добивме одговор на нашето прашање зошто не се објавени резултатите од конкурсот и кога тоа ќе се стори, со оглед дека станува збор за буџетски пари. За овој повик во буџетот се предвидени 220.000 евра.
Јавниот повик за поддршка на проекти од областа на културата беше објавен на 7 октомври лани и во огласот стоеше дека трае 30 календарски денови, односно до 5 ноември.
„Резултатите од јавниот повик ќе бидат објавени на официјалниот веб портал на Град Скопје со решение за финансирање на програми и проекти од областа на културатаво интерес на Град Скопје за 2022“, стои во огласот објавен лани.
Оттогаш се поминати 5 месеци, а градоначалничката Данела Арсовска уште не ги објавува имињата.
А. АНТЕВСКА