АРСОВСКА И НЕЈЗИНАТА ВМРО-ДПМНЕ НАМЕСТО ДА ГО РЕШАТ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ СИ ДОГОВАРАЛЕ ТЕНДЕРИ И СЕ КАРААТ ЗА ПРОВИЗИИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    АРСОВСКА И НЕЈЗИНАТА ВМРО-ДПМНЕ НАМЕСТО ДА ГО РЕШАТ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ СИ ДОГОВАРАЛЕ ТЕНДЕРИ И СЕ КАРААТ ЗА ПРОВИЗИИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИАрсовска му одговори на Ковачесвки наместо да шета по телевизии и да кажува невистини да се фати за работа. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска наместо да се грижи за граѓаните и да им обезбеди парно греење зимава, со нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ договара тендери и се караат за провизии. Ковачевски во интервју за националниот сервис МТВ рече дека Владата оваа зима преку ЕСМ ќе го преземе парното греење, бидејќи Арсовска не сака иако ѝ е тоа комунална обврска.

    „Мене сега ми е јасно зошто тие одбија да управуваат со парното греење. Тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните туку со тендери. Градоначалничката Арсовска беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ако не беше немаше теоретски шанси да победи и на сите митинзи беше промовирана како нивни кандидат, цел штаб работеше за неа, трубачи ја чекаа во штабот. А тие што работеле 10 месеци, договарале тендери за кои самите зборуваат. Не зборуваме ние од СДСМ туку тие на прес-конференции. И на крај што се случи, не можеа да се договорат за провизии и излегуваат на прес-конференции се караат“, рече премиерот Ковачевски.

    Тој кажа дека Арсовска цела година од мандатот не работи ништо. Не ги реализира двата проекта кои се финансирани со европски пари, автобуското метро и пречистителната станица, не ја прави Универзална сала, клучката кај Момин поток. Ковачевски ја повика Арсовска да им се извини на граѓаните затоа што на изборите ги излажала.

    Градоначалничката Арсовска му одговори на Ковачевски дека Владата е неспособна за справување енергетската криза и наместо тој да се шета по телевизии и да кажува невистини, да се фати за работа.

    „Владата е таа која има дадено повеќегодишна концесија на БЕГ при што, секако обврска и одговорност на Владата е да се справи и со последиците кои произлегуваат од таа концесија. Град Скопје во ниту еден момент не бил носител на лиценца. Владата, кога беа милионски профитите на приватните компании кои раководеа со топловодната енергетска мрежа, одбиваше таа да биде одземена од истите и да претставува национален ресурс, за сега да бара виновник за сопствените одлуки. Обидите за префрлање на вина од оној кој не преземал соодветни мерки за амортизирање на ценовниот шок во кризава е дегутантно и непотребно, бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Поради континуирано задоцнетите мерки сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати“, се вели во писмената изјава на Арсовска.

    Снабдувањето со парно греење во Скопје беше продадено на приватната компанија Балкан енерџи груп (БЕГ) во 2012, кога градоначалник беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, а владата на ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Никола Груевски.

    На 27 јуни годинава, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги одзеде лиценците на БЕГ за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, а претходно беше одземена лиценцата за производство на топлинска енергија, што значи дека БЕГ веќе ќе нема никаква врска со парното греење во Скопје. До завршување процедурата за избор на нов вршител на енергетска јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, БЕГ законски е обврзана да ја врши дејноста.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира