АРСОВСКА ЌЕ ГИ НАБАВИ НОВИТЕ АВТОБУСИ СО ДОНАТОРИ, ПРВИТЕ 150 ЌЕ ЧИНАТ 45 МИЛИОНИ ЕВРА

    АРСОВСКА ЌЕ ГИ НАБАВИ НОВИТЕ АВТОБУСИ СО ДОНАТОРИ, ПРВИТЕ 150 ЌЕ ЧИНАТ 45 МИЛИОНИ ЕВРАГрадоначалничката Арсовска повтори дека автобуското метро или Бас рапид транзитот (БРТ) нема да го реализира, ниту пак ќе распише референдум за да се изјаснат граѓаните. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека ќе ги набави со донатори новите 250 еколошки автобуси кои ги вети во изборната кампања. На брифинг со новинарите кажа дека во првата транша ќе се набават 150 автобуси на гас, од кои еден ќе чини околу 300.000 евра. Вели дека Градот е соочен со големо задолжување направено од нејзиниот претходник Петре Шилегов и поради тоа во овој момент не може да земе кредит, па затоа се бараат други начини за набавка на еколошките автобуси.

    „Сега разговараме со експерти и со луѓе кои можат да детектираат финансиски средства преку донатори за набавка на првата транша од 150 автобуси, а потоа ќе видиме како ќе оди финансирањето. Ова не е работа – се разбудив сабајле па така посакав – како што тоа го направил претходниот градоначалник. Штом сме ветиле дека ќе набавиме, тоа ќе биде направено“, рече Арсовска.

    Таа најави дека бесплатниот автобуски превоз за сите граѓани ќе биде воведен за две години. Од наредната година ќе биде вратен бесплатниот превоз за пензионерите, кој беше укинат поради пандемијата на ковид-19.

    „Во моментов, во ЈСП ‘Скопје’ се работи на детектирање на загубите, знаете дека ова претпријатие е тежок загубар. Прво да се излезе од долговите кои ги има, а потоа да се овозможи бесплатниот превоз. Истовремено работиме на воведување линии во голем број населени места каде нема автобус, пуштање ноќни линии и повеќе возила на оние места каде само два пати во денот има автобус“, рече Арсовска.

    Градоначалничката Арсовска повтори дека автобуското метро или Бас рапид транзитот (БРТ) нема да го реализира, ниту пак ќе распише референдум за да се изјаснат граѓаните.

    „Морам да кажам дека она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Автобуско метро не постои, тоа е само автобус кој ќе се движи по линија и ќе има големи импликации по зеленилото и водоснабдувањето на градот. Да не зборам за сите пречки кои ќе ги има по основ на регулатива и легислатва, кои треба да се направат за да биде реалност“, додаде Арсовска.

    На нашето прашање зошто тогаш кај Европската банка за обнова и развој овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови и направеното решение е бодирано со сребрен стандард, Арсовска одговори дека на ЕБОР проектот многу убаво им бил презентиран, а тие длабински анализи не правеле.

    „Многу е убаво она што им било презентирано таму и тие дошле и направиле извештај од она што го имаат како информација од тука, меѓутоа длабински анализи не се направени. Нивната иницијална анализа е дека е добро за граѓаните да има нешто што ќе се движи брзо на таа локација. ЕБОР е институција за финансирање, финансира проект базиран на план за реализиција. Тие се како секоја една банка, банката не ви навлегува на вас во техничките позиции на проектот“, одговори Аросовска.

    Арсовска го стопираше тендерот за реализација на првата линија на автобуското метро од Ѓорче Петров до Ново Лисиче објавен на страната на ЕБОР. За негова реализација државата зема кредит од 70 милиони евра, кој е наменски за овој проект и не може да се пренамени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира