АРСОВСКА КОНЕЧНО ПОТПИША ПРЕДАВАЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ГРАДИ ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ

    АРСОВСКА КОНЕЧНО ПОТПИША ПРЕДАВАЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ГРАДИ ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИНа вчерашната владина седница е донесена одлука парите да се обезбедат од буџетите за наредни три години 2024, 2025 и 2026 година. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска конечно ја предаде скопска Универзална сала на Министерството за култура. Арсовска минатата недела ја потпишала одлука за предавање на салата на Владата, речиси три месеци откако Советот на Град Скопје ја донесе одлуката.

    Сега Владата преку Министерството за култура ќе ја продолжи реконструкцијата на концертната сала која со доаѓањето на Арсовска на функција беше стопирана. Владата планира Универзална да се реконструира во наредните три години и на вчерашната владина седница е донесена одлука парите да се обезбедат од буџетите за наредни три години 2024, 2025 и 2026.

    „После серија иницијативи преземени од наша страна, успеавме да постигнеме договор со Град Скопје согласно Одлука на Советот на Град Скопје, кој претставува вистинскиот правилен пат да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала. Министерството за култура станува инвеститор на Универзална сала и очекувам веднаш да ја добиеме целокупната документација од Градот Скопје, за започнување со подготовка на проектно-техничката и финансиската документација за реконструкцијата на салата“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Универзална сала почна да се реконструира во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Градежните работи за првата фаза, надворешноста, почнаа во септември 2021 непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на фунцкија на Арсовска работите беа стопирани и салата две години стои разурната и отворена. Арсовска тогаш велеше дека нема да ја гради Универзална сала оти проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден, за што се искара и со проектантот, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и министерката Костадиновска-Стојчевска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира