Градоначалничката Данела Арсовска уште не го откажала проектот за изградба на автобуско метро во Скопје или Бас рапид транзит системот (БРТ), проект кој го почна нејзиниот претходник Петре Шилегов. За овој проект Град Скопје и Владата лани во април потпишаа договор за кредитирање од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 70 милиони евра и според експертите ангажирани од банката, станува збор за еден на најзелените проекти кои ги поддржуваат.
Со доаѓањето на функцијата Арсовска уште на првата средба со новинарите категорично кажа дека автобуското метро на Шилегов нема да го прави оти проектот не бил добар, таа во кампањата не го ветила туку ветила набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани.
„Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече Арсовска на 12 ноември лани.
Арсовска е на функција 7 месеци, а проектот Бас рапид транзит не е откажан туку само е стопирана постапката и градоначалничката сега изјавува дека се водат преговори и кога тие ќе завршат ќе ја информира јавноста. Не кажува за што се тие преговори и дали тоа значи дека ќе го продолжи проектот, а ако не го прави, како што кажа кога стапи на функција, зошто уште води проговори.
„Јас во ништо не сум ретерирала, тоа како што ви кажав како проект е во фаза на преговори. Ние активно работиме на сето она што е во интерес на граѓаните и во интерес на тоа да се реформира автобускиот систем и јавниот превоз во Скопје. Во овој момент сме во разговори и преговори, во првиот момент кога ќе имаме што да и соопштиме на јавност ќе го направиме тоа“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање.
Прашана дали ваквиот нејзин одговор значи дека не ја исклучува можноста да го продолжи БРТ проектот, Арсовска кажа „не можам да потврдам ниту да отфрлам нешто што не е договорено. Сè она што може да наштети на самиот процес не е во ред да се истакнува во јавноста“.
Арсовска уште не кажува ниту детали за набавката на новите 250 еколошки автобуси кои ги вети во кампањата. Вели дека постапките си течат и не можат да завршат преку ноќ.
„Ние тоа го работиме и ќе биде реализирано како што ветуваме, со фаза на прилагодување. За автобуси кои ќе бидат дел метан, дел електрични ќе треба да има некаква инфраструктура и истото мора да се изгради за да може да се спроведе набавката“ рече Арсовска.
Проектот за автобуско метро кој Градот го правеше со странски експерти предвидува во Скопје да се воспостават две линии, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат првата траса би биле околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3-4 минути и од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да се стасува за 35 минути.
А. АНТЕВСКА