АРСОВСКА НЕМА ДА КУПИ НОВИ АВТОБУСИ, СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ НЕ ГЛАСАА ДА СЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

    АРСОВСКА НЕМА ДА КУПИ НОВИ АВТОБУСИ, СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ НЕ ГЛАСАА ДА СЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРААрсовска во изборната кампања вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска нема да може да купи триесетина нови автобуси, бидејќи на денешната седница на Советот на Град Скопје не помина одлуката да се земе кредит од 10 милиони евра за оваа намена. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаa воздржано, со што немаше доволно гласови да се усвои одлуката за кредитно задолжување.

    Градоначалничката Арсовска од говорницата апелираше до советниците да се исгласа оваа одлука за може да се обнови возниот парк на ЈСП „Скопје“. Таа им рече на советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека набавката на нови автобуси била од нејзината изборна програма за модерно Скопје и токму затоа треба да дадат поддршка.  На изборите 2021 Арсовска со нејзината порграма беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

    Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано и овојпат не побараа збор, од говорницата не се караа со Арсовска ниту образложија зошто ќе останат воздржани по оваа точка.

    Советничката група на СДСМ кажа дека тие не се против набавка на нови автобуси, но дека е недозволиво како советници да немаат никакви информации колку автобуси ќе се набават и на колку години е кредитното задолжување.

    Имаме проект за Бас рапид транзит (БРТ) и пари обезбедено за него. Но, сега тој стои во фиока, а за него плаќаме пенали зашто не ги користиме парите. Одлуката нема никакви информации ниту колку автобуси ќе се набават ниту за концептот на јавен превоз. Не знаеме дали ќе се купат или можеби имаме некоја општествено одговорна фирма која може ќе донира автобуси како што се изјавуваше. Од каде ќе се набават, кој ќе ги прави, дали е тоа фабриката која ја најавуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски? Поради сите овие нејасни работи ние ќе гласаме воздржано“, рече координаторката на советничката група СДСМ Љубица Јанчева.

    Арсовска во изборната кампања вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира