АРСОВСКА РАСПИША ОГЛАС ЗА НОВ ДОГОВОР СО ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ, ЌЕ ВОЗАТ ИСТИТЕ АВТОБУСИ КАКО И ДОСЕГА  

    АРСОВСКА РАСПИША ОГЛАС ЗА НОВ ДОГОВОР СО ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ, ЌЕ ВОЗАТ ИСТИТЕ АВТОБУСИ КАКО И ДОСЕГА  Од кабинетот на градоначалничката Арсовска се согласуваат дека и приватните превозници треба да го модернизираат возниот парк, но велат не можат одеднаш тоа да го бараат од нив, кога претходната градска власт немала никаков слух за нив.(Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката Данела Арсовска ќе склучи нов договор со приватните превозници во Скопје. Денеска во дневните весници и на сајтот на Град Скопје објавен е оглас за доделување пакет линии и за давање на дозволи за линиски превоз на патници во град Скопје.

    Договорот склучен од ексградоначалникот Коце Трајановски со кој приватните превозници добиваат дел од линиите во јавниот превоз и по 1 евро за секој изминат километар, истекува на 31 декември. Новиот оглас трае до 20 декември, што значи дека до истекувањето на договорот ќе биде склучен новиот во траење од две години.

    „Пакетите на линии од овој оглас се доделуваат за период до 2 години, со можност за продолжување со одлука на Советoт на Град Скопје. Постапката за доделување на пакети на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје“, стои во огласот.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека огласот кој сега е објавен е според важечките законски прописи за јавен превоз и не е ништо поразличен од претходните услови кои требало да ги исполнуваат приватните превозници. Од таму се согласуваат дека и приватните превозници треба да го модернизираат возниот парк, но велат не можат одеднаш тоа да го бараат од нив, кога претходната градска власт немала никаков слух и соработка со нив.

    „Приватните превозници изминативе 4 години немале никаква можност за соработка со градските власти. Поради негрижа од страна на Градот немале можност да го модернизираат возниот парк и затоа сега не може веднаш да се бара тоа од нив. Тогаш дел од нив ќе треба да не возат и јавниот превоз ќе биде во колапс. Граѓаните ќе останат без јавен превоз со оглед на тоа дека на одредени линии сообраќаат во најголем дел само приватните автобуси. Во наредниот период новата градска власт ќе формира работно тело во кое покрај претставници на приватните превозници, ќе се вклучат и експерти и ќе се работи на воспоставување на систем за постепено модернизирање на возниот парк. Токму и затоа договорот кој сега ќе се склучи е пократок од претходниот односно е на две години“, велат од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.

    Според огласот приватните превозници како и досега ќе сообраќаат на дел од линиите во Скопје, но и приградските општини со кои ќе склучат договор.

    Линии на кои ќе сообраќаат приватните автобуси.

    Линии на кои ќе сообраќаат приватните автобуси.

    Неделава голем дел од приватните автобуси не возеа на дадените линии бидејќи беа технички преглед.

    „Во периодот од 22 до 30 ноември, од страна на Одделението за БПС при Секторот за внатрешни работи направени се вонредни технички контроли на автобуси кои вршат јавен превоз на подрачјето на град Скопје. Во наведениот период на технички преглед се упатени вкупно 25 автобуси, а при извршените технички прегледи кај шест автобуси е констатирана техничка неисправност и истите се исклучени од сообраќај. Во однос на констатираните неисправности кај наведените автобуси кај пет автобуси е констатирана техничка неисправност на уредот за запирање, а кај еден автобус е констатирана техничка неисправност на уредот за управување“, рекоа за акцијата од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира