Градоначалничката Данела Арсовска не може да го продолжи проектот за автобуско метро или Брз автобуски превоз (БРТ) затоа што советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советникот од „Зелен хуман град“ Горјан Јовановски не гласаа за негово имплементирање. На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, точка на дневен ред по предлог на градоначалничката беше давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Но одлуката не помина, бидејќи за неа не гласаа доволно советници односно имаше 19 гласови „за“’, двајца советници беа против, двајца беа воздржани, а останатите не гласаа.
Советнциите на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата рекоа дека не знаат зошто се продолжува овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“.
„Како советници имаме оскудни информации. За да одлучам дали и како ќе гласам барам одговори дали Арсовска репреговарше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?“, ја праша Арсовска советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.
Арсовска не одговори на прашањата на советникот, туку проектот го бранеше заменик-градоначалникот Александар Трајковски.
Градоначалничка Данела Арсовска на 9 ноември преку нејзиниот фејсбук профил најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, затоа што, според нејзината тогашна изјава, тоа било ветување на Петре Шилегов, а тој изгубил на изборите. Во меѓувреме, таа го стопираше тендерот за изградба на проектот.
А. АНТЕВСКА