За да се воведе бесплатен автобуски превоз прво мора да се зголемат бројот на автобуски линии, вели директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“ Ленин Јовановски. Тој смета дека со сегашниот возен ред на автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници ветувањето на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема да може да се реализира оти автобусите ќе бидат преполни.
„Се зборува цело време за бесплатен автобуски превоз, а никој не кажува дека со овој број автобуси што се пуштени во сообраќај тоа нема да може да се реализира. Треба да се зголемат линии најмалку за 30 проценти, па потоа да да се следи состојбата дали е потребно и дополнително зголемување на бројот на автобуси кои ќе возат. Еве на пример пред две недели кога се воведе бесплатен превоз поради загадувањето автобусите беа полни, не можевме луѓето да ги качиме во возилата“, вели Јовановски.
Градоначалничката Данела Арсовска во предизборната кампања вети бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. По доаѓањето на градоначалничката функција кажа дека сите граѓани бесплатно ќе се возат за две години и ветувањето не може одма да се реализира бидејќи треба да се консолидира ЈСП „Скопје“ кое го презела во лоша состојба и со многу долгови.
Зголемувањето на автобуските линии ќе значи и поголеми трошоци за гориво, резервни делови, а со тоа ќе бидат потребни повеќе пари за спроведување на проектот.
ЈСП „Скопје“ и приватните превозници бараат финансиска помош од Владата поради зголемената цена на метанот од 50 на 110 денари. Велат не можат да го издржат ова поскапување и доколку не добијат помош ќе мора да ги редуцираат автобусите.