ВЛАДАТА ДА НИ ДАДЕ ПОМОШ ЗА ГОРИВО ИЛИ ЌЕ ГИ РЕДУЦИРАМЕ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ, ВЕЛИ ЛЕНИН ЈОВАНОВСКИ ОД „СЛОБОДА ПРЕВОЗ“

    ВЛАДАТА ДА НИ ДАДЕ ПОМОШ ЗА ГОРИВО ИЛИ ЌЕ ГИ РЕДУЦИРАМЕ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ, ВЕЛИ ЛЕНИН ЈОВАНОВСКИ ОД „СЛОБОДА ПРЕВОЗ“Јовановски вели дека приватните превозници се соочуваат со големи проблеми, а поскапувањето на метанот е дополнителен удар врз нив.(Фото: Фејсбук)

    Приватните автобуски превозници во Скопје бараат финансиска помош од Владата поради поскапувањето на метанот од 50 на 110 денари. Откако минатата недела ЈСП „Скопје“ побара владина помош, денеска и приватните превозници излегоа со барања.

    Ленин Јовановски од приватниот превозник „Слобода превоз“ вели дека цената на метанот е двојно зголемена што е најголемо поскапување во споредба со другите земји од регионот и доколку не им се помогне нема да може да возат на сите линии со сегашниот број на автобуси.

    „Ние имаме 21 автобус кој вози на метан и со сегашната цена на горивото нема да можеме да издржиме. Затоа бараме Владата да ни даде субвенции, нека ни даде од оние 3 денари еколошка такса што ја собираат. Ќе доставиме барање и до Град Скопје. Градот и Владата мора да најдат решение, двете институции се надлежни. Не може Владата да каже дека не се надлежни, па Скопје е цела Македонија“, вели Јовановски.

    Тој вели дека приватните превозници се соочуваат со големи проблеми, а поскапувањето на метанот е дополнителен удар врз нив.

    „Со пандемијата ни се намалија линиите, а со тоа и приходите. Дополнително Градот и ЈСП ‘Скопје‘ ни должат 430 милиони денари за изминатите километри на линиите на кои возиме. Барање за решавање на нашите проблеми ќе доставиме и до Град Скопје. Досега со градоначалничката Данела Арсовска не сме имале средба“, вели Јовановски.

    Помош од Владата минатата недела побара и ЈСП „Скопје“ бидејќи 33 МАН автобуси кои беа набавени пред две години возат на метан. Досега претпријатието за гориво за еколошките автобуси трошело околу 1 милион евра годишно, а со новата цена ќе му требаат над 2 милиони евра.

    Од Владата на барањето на ЈСП „Скопје“ одговорија дека помош треба да бараат од Град Скопје под чија надлежност е претпријатието.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира