Автобусите на ЈСП „Скопје“ утрово возат со редовна динамика. Градот не остана без јавен автобуски превоз како што најавија возачите, бидејќи утрово бил надминат проблемот.
„Утрово имавме средба со директорот, ни објасни дека проблемот е на централно ниво односно имало проблем со трезорот и префрлањето на парите за субвенции. Проблемот е надминат и денеска ќе имаме плата и затоа со мало доцнење автобусите се на улица“, вели Миќо Стојановски, претседател на синдикатот на ЈСП „Скопје“.
ЈСП „Скопје“ минатиот месец доби 11 милиони евра субвенции од Град Скопје. Тогаш градоначалничката Данела Арсовска им кажа на вработените дека со овие пари ќе имаат редовна плата цела година. Но, само по еден месец во ЈСП пак има проблем со платите односно не се исплаќаат во законски предвидениот рок до 15-ти во месецот и затоа вчера синдикатот најави дека автобусите нема да возат.
А. АНТЕВСКА