АВТОБУСКОТО МЕТРО НА ШИЛЕГОВ НЕМА ДА ГО ПРАВАМ, БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЌЕ ИМА САМО ДАЈТЕ МИ ВРЕМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    АВТОБУСКОТО МЕТРО НА ШИЛЕГОВ НЕМА ДА ГО ПРАВАМ, БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЌЕ ИМА САМО ДАЈТЕ МИ ВРЕМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКААрсовска вели дека БРТ е проект на нејзиниот претходник Шилегов, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нема да го продолжи проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Арсовска вели дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кои Град Скопје заедно го спроведува проектот, за да се запознае со условите и што било досега договорено и направено, но потенцира дека нема да го реализира.

    „Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече Арсовска.

    Тендерот за избор на фирма за набавка на возила и спроведување на БРТ е објавен пред дваесетина дена на страната на Европската банка за обнова и развој. За реализација на овој проект Владата зема кредит во висина од 70 милиони евра од ЕБОР.

    Што ќе биде со кредитот, дали тој може да се пренамени и дали може и под кои услови да се стопира тендерската постапка, Арсовска не кажа. Рече дека сите детали ќе ги соопшти пред новинарите откако ќе ја има средбата со експертите од ЕБОР и луѓето кои работеле на проектот.

    Градоначалничката Арсовска на првиот брифинг со новинарите не кажа како ќе го реализира проектот за бесплатен јавен превоз кој го вети во изборната кампањата, ниту колку пари ќе бидат потребнин за тој да се спроведе со оглед на тоа дека ЈСП „Скопје“ работи со загуби со години.

    „Јас тоа што го кажав ќе го реализирам, но не можам во два дена. Луѓето планираат да се селат на Марс и да патуваат на Месечината, сè е возможно, па возможно е да имаме и бесплатен автобуски превоз. Па на ЈСП ‘Скопје‘ не му се единствени приходи продажбата на билети, имаат и други приходи. Се согласувам дека претпријатието 30 години работи со загуби и затоа постојано повторувам дека е потребно добро менаџирање. Потребно е да се проверат тендерите за набавки на гориво по високи цени“, додаде Арсовска.

    Градоначалничката Арсовска кажа дека во наредниот период ќе го провери целокупното работење на јавното сообраќајното претпријатие за да се види зошто со години работи со загуби. Најави дека ќе се врши корекција и на автобуските линии односно одредени линии ќе се продолжуваат оти тоа го бараат граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира