БЕЛИОТ ДВОРЕЦ НА ВМРО-ДПМНЕ СТАНУВА ДИВОГРАДБА ОТИ ЦЕНТАР ГО ПОНИШТИ ПЛАНОТ

    БЕЛИОТ ДВОРЕЦ НА ВМРО-ДПМНЕ СТАНУВА ДИВОГРАДБА ОТИ ЦЕНТАР ГО ПОНИШТИ ПЛАНОТ

    Барконата зграда во која се смести седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе добие статус на дивоградба, оти ќе се најде на листата објекти чии одобренија за градење ќе бидат поништени по одлуката на Општина Центар за поништување на четири урбанистички планови кои се однесуваат на централното градско подрачје. Белиот дворец, како што јавноста ја нарече зградата поради импозантноста, е дел од проектот „Скопје 2014“, а сегашниот габарит на објектот е предвиден со планот „Мал ринг“ усвоен во 2012, кој Советот на Општина Центар во средата го поништи.

    Општината ќе ги поништи сите одобренија за градење издадени од септември, 2012 досега согласно плановите Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел, Централно градско подрачје – Мал Ринг и Голем ринг – Јужен дел – Исток изгласани во 2012.

    „Одобрението за градење на објектот Општина Центар го издала на 10.04.2013 година на ВМРО-ДПМНЕ  и Бетон АД Скопје. И покрај тоа што зградата е веселна, одобрението ќе биде поништено оти објектот сѐ уште не е заведен во Катастар. Процедурите за негово заведување не се завршени бидејќи има отстапувања и од ова одобрение за градење, поради кои не може да се направи технички прием на објектот. Поништеното одобрение за оваа зграда, исто како и за останатите кои се изградени, но не се заведени во Катстар, ќе значи дека инвеститорот треба повторно да поднесе барање за одобрение. Градбите кои ги има во стариот план, оној што важел до 2012, ќе добијат нови  одобренија за градење, но оние што не се предвидени ќе добијат статус дивоградби. Во стариот план го има објектот во кој е сместено седиштето  на ВМРО-ДПМНЕ, но со далеку помали димензии“, велат од Општина Центар.

    ВМРО-ДПМНЕ ја ставила под хипотека партиската зграда за да земе кредит од три милиони евра од Комерцијална банка неколку дена пред изборите на 11 декември. Како што пишуваше во Службен весник, партијата зела „рамковен риволвинг кредит“, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш. Освен својот дел од палатата, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема. Зградата во период од 2013 до 2015 година ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше нивното седиште, т.н. „жолта куќа“.

    Секторот за урбанизам во Центар има рок до следната среда да достави до градоначалникот список со објекти чии одобренија ќе бидат поништени. Согласно четирите планови, општинарите очекуваат бројот на поништени одобренија за градење од 2012 година досега да биде околу 30. Кај издадените одобренија за градење за  објекти на државно земјиште  кои воопшто не почнале да се градат, од Општината велат дека ќе настојуваат да бидат поништени и продажбите на земјиштето и тоа да се врати во сопственост на државата. Такви се Шпанските скали на Плоштад Македонија, катната гаража зад поранешен „Метропол“, катната гаража кај „Аутомакедонија“, кулите и подземната сообраќајница кај Јужен булевар, улицата на Кеј 13 Ноември.

    Од Општината најавуваат стопирање на изградбата и на Панорамското тркало, Офицерски дом и хотелот до него, споменикот на Мајка Тереза до Плоштадот, за кои, пак, е предвидена посебна процедура оти веќе се градат. За нив изградбата треба да сопре, да се направат анализи дали се предвидени во старите планови, да се извадат нови одобренија за градење па дури потоа да продолжи градењето доколку се исполнат ваквите услови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира