БЕЗ РАБОТА ОСТАНАЛЕ 16.ООО РАБОТНИЦИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ НА ПАНДЕМИЈАТА

    БЕЗ РАБОТА ОСТАНАЛЕ 16.ООО РАБОТНИЦИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ НА ПАНДЕМИЈАТАВо Агенцијата за вработување во Тетово во овој момент активно работа бараат 15.671 лица (Фото: СДК.МК)

    За изминативе две години откако започна пандемијата, во државата дури 16.000 работници биле отпуштени од работа. Од Агенцијата за вработување велат дека овој сигурно број би бил далеку поголем, ако не биле преземени повеќе активни мерки за вработување, преку кои дел од невработените отвориле свој бизнис или се вработиле во фирми кои ги користат овие мерки.

    „Според податоците од нашата Агенција за вработување, од моментот кога пандемијата започна кај нас, односно од март 2020 година па заклучно со 31 декември 2021 година, од работа биле отпуштени речиси 16.000 лица. Сите тие се пријавиле како невработени во Агенцијата за вработување. Отпуштени работници имало од сите сектори, но најпогодени биле секторите хотелиерство и од текстилната индустрија“, рече Беким Мурати, директор на Агенцијата за вработување.

    Според Мурати, бројот на лицата кои го загубиле работното место се намалува, а една од причините е што Агенцијата спроведува повеќе мерки за вработување кои еден добар дел од лицата кои останале без работа ги искористиле и отвориле свој бизнис или се вработиле во фирми кои ги искористиле овие мерки.

    „Оперативниот план за 2021 година за вработување е реализиран со 94,6 проценти и преку тие мерки, било тоа да е субвенционирање на платите, самовработување или одредени обуки поминале 11.292 невработени лица кои денес имаат или отворено свој бизнис или се вработени во одредени фирми. Минатата година најголем интерес бележи мерката самовработување преку која се отворени 1.877 нови фирми, односно толку невработени лица отпочнале свој бизнис. Речиси 99 проценти од оние кои ја искористиле мерката самовработување опстанале и продолжиле со работа, а многумина од нив и го зголемиле бројот на вработени во нивните фирми. Речиси 40% од корисниците на овие мерки се млади лица. Планот за субвенционирање за 2022 година исто така ќе ги содржи овие мерки а очекуваме тие и дополнително да се прошират“, вели Мурати.

    Во Агенцијата за вработување во Тетово во овој момент на работа бараат 15.671 лица кои се активни баратели на работа и 2.341 кои се водат како пасивни баратели на работа.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира