БИТОЛА ЌЕ ИЗБИРА ГРАДОНАЧАЛНИК ВО ВТОР КРУГ, КОЈ ЌЕ БИДЕ МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТОТ ЗАВИСИ ОД СОВЕТНИЧКИТЕ ГРУПИ НА ПОИНАКУ И ЛЕВИЦА

    БИТОЛА ЌЕ ИЗБИРА ГРАДОНАЧАЛНИК ВО ВТОР КРУГ, КОЈ ЌЕ БИДЕ МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТОТ ЗАВИСИ ОД СОВЕТНИЧКИТЕ ГРУПИ НА ПОИНАКУ И ЛЕВИЦАВо Советот овој пат ВМРО-ДПМНЕ има 13, СДСМ 11, ЛДП 1, ДУИ1, Поинаку 3 и Левица 2 советника. (Фото: СДК.МК)

    Битола ќе избира градоначалник во втор круг, за власт во Советот ќе одлучат малите партии и групи граѓани.
    ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уште еднаш ќе ги одмерат силите во вториот круг за избор на градоначалник во Битола за две недели. Во првиот круг, според податоците од ДИК, водство со 1.645 глас повеќе освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Тони Коњановски пред Христо Кондовски од СДСМ.

    За Коњановски гласале 19.571 битолчани, за Христо Кондовски 17.926, за Горан Милевски од ЛДП и ДОМ 3.343, Горан Тасковски 418, Јорго Огненовски 693 и за Зоран Лазаровски-Паљо 1.082 гласа.

    Во вториот круг СДСМ најголема поддршка ќе очекува од досегашниот коалициски партнер ЛДП, која на овие избори истапи самостојно.

    „Кочи Мицко, СДСМ е сигурно во Битола поради тоа што нема победа таму уште во првиот изборен круг, но владиниот капацитет на целата коалиција говори дека предноста е на наша страна, заедно со гласовите што ги имаат останатите кандидати, односно кандидатот Горан Милевски“, рече синоќа генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

    Но, кој и да биде градоначалник тешко дека ќе може комотно да управува во Советот, каде силите се скоро израмнети и кој ќе има мнозинство ќе зависи најмногу од помалите политички партии и групи граѓани како Левица и Поинаку. СДСМ и коалиционите партнери во општинскиот Совет во претходниот мандат броеја 17 советници, наспроти 11 на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Но, овој пат ВМРО-ДПМНЕ има 13, СДСМ 11, ЛДП 1, ДУИ1, Поинаку 3 и Левица 2. Дури и советниците од ЛДП и ДУИ да коалицираат со СДСМ, силите ќе останат израмнети во двата најголеми политички блока. Така, решавачката улога ќе ја имаат советниците од Поинаку и Левица.

    На овие избори имаше и околу 2.500 неважечки ливчиња од граѓани кои излегле на избори, но одлучија да не го дадат својот глас за никого, најверојатно незадоволни од политиките или кандидатските листи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира