БИТОЛА ЗАДАВЕНА ВО МАГЛАТА СИЊАК

    БИТОЛА ЗАДАВЕНА ВО МАГЛАТА СИЊАКОд повисоките места Битола изгледа како да е прекриенз со поларно езеро, над кое се издигаат само оџаците на РЕК. (Фото: СДК.МК)

    Веќе три дена Битола е приклештена под капа од сињак, како што битолчани ја нарекуваат маглата. Таа ја намали видливоста и темепратурата ја држи неколку степени над нулата. Маглената капа е штетна зашто не доволува проветрување на воздухот и под неа остануваат сите загадувачки супстанци.

    Мерната станица Битола 2 денес околу 13 часот покажа зголемена концентрација на ПМ 10 честички од 109 микрограми на метар кубен. Пред три дена дневните концентрации суспендирана прашина беа 89,59 микрограми на метар кубен, а дневно максимално дозволената количина е 50.

    Битолчани кои викендов се искачија на околните ридови и на Пелистер имаа можност да уживаат во сончевото време, додека Битола не се гледаше од магла. Од повисоките места градот изгледа како да е прекриен со поларно езеро, над кое се издигаат само оџаците на РЕК.

    САКАМДАКАЖАМ.МК и лани пишуваше за ваквиот климатскиот феномен кој се случува во градот преку зима и тоа предизвикан од инверзијата на воздухот. Професорот Борис Ангелков рече дека ладните воздушни маси легнуваат во Пелагониската Рамнина, а топлиот воздух бега нагоре кон Пелистер. Пелагонија е заградена со големите планински масиви Баба и Ниџе. Продорот на топлиот воздух од регионот на Медитеранот тешко доаѓа до неа, освен кога дуваат јаки јужни ветрови, но тоа е во летните периоди. Зимата тешко продираат поволни климатски услови. Маглената капа паѓа од Тополчани до Лерин. Овој крај има континентална клима, слична на онаа во Сараево, Софија и Белград.

    Во Битола во просек има по 22 магловити денови. За најмаглив месец се смета декември со 6,4 денови со магла, па јануари со 6,3, ноември со 4,1 и февруари со 2,8.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира