БОГДАНОВИЌ ПО ВЕЛИГДЕН ЌЕ СВИКА СЕДНИЦА ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ СЕГА СОВЕТНИЦИТЕ СЕ РАЗОТИДЕНИ НА ПРАЗНИЧНИ ПАТУВАЊА

    БОГДАНОВИЌ ПО ВЕЛИГДЕН ЌЕ СВИКА СЕДНИЦА ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ СЕГА СОВЕТНИЦИТЕ СЕ РАЗОТИДЕНИ НА ПРАЗНИЧНИ ПАТУВАЊАПозитивна одлука на Советот е единствен спас да се спречи градба на трите кули од 16,20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА. (Фото: СДК.МК)

    Помина еден месец откако инвеститорите МГ „Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) уплатија комуналии за првата од трите кули кај „Холидеј ин“ во строгиот центра на Скопје, а Општина Центар уште нема свикано седница за суспензија на Деталниот урбанистички план (ДУП). Инвеститорите секој ден можат да добијат правосилна дозвола за градба, а градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека после Велигден ќе се знае кога ќе биде закажана седницата на Советот на Општина Центар.

    „После Велигденските празници ќе знаеме кога ќе има седница на Советот, сега советниците од сите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и независни советници се заминати на продолжен празничен викенд и не се во Скопје“, ни изјави градоначалникот Богдановиќ.

    Седниците на Советот на Општина Центар се одржуваат онлајн поради пандемијата на ковид-19, што значи дека може да се одржи седницата, а воедно неработни денови се само петок и понеделник.

    Позитивна одлука на Советот е единствен спас да се спречи градба на трите кули од 16, 20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА, откако за една зграда веќе се платени комуналии од 2,4 милиони евра и од Општина Центар е побарана градежна дозвола.

    Но, одржувањето на седницата се одолговлекува и градоначалникот Богдановиќ никако не ја закажува. Најпрво, на 15 април на редовната седница предложи точка на која на советниците еден час им објаснуваше што досега направила Општината за да ги поправи лошите и незаконски ДУП-ви и дека ако се донесе одлука за суспензија на планот, инвеститорот може да тужи. Потоа рече дека не може веднаш да се закаже седницата оти на советниците им требало време да размислат во однос на тоа што им го претставил во врска со тужбите и штетата што би ја имала Општината. Па се правдаше дека седници не закажува тој туку претседателот на Советот, иако според Деловникот за работа тој може да свика вонредна седница, како што досега многупати се случувало.

    На 22 април, Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Јавното обвинителство да покрене постапка за донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Холидеј ин“. Антикорупционерите сметаат дека во носење на овој ДУП сторени се повреди како од планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од вработените во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи.

    Одговорност се бара од градоначалникот на Општина Центар во период од 2009-2013 Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на Општина Центар во период од  2013-2017 Андреј Жерновски, раководител на Сектор за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководител на Сектор за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошник-раководител на сектор за планирање и уредување на просторот на Град Скопје и двајца овластени планери и овластеното лице на правно лице ДПУП „Билд“ кои го изработувале планот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира