Во вториот изборен круг на локалните избори во Штип ќе гласаат дополнителни 50 болни и немоќни лица во споредба со првиот круг, кога гласале 88-мина. Вкупно во вториот круг во Штип ќе гласаат 138 болни и немоќни лица, според Општинската изборна комисија (ОИК).
„Како што беше случај за првиот изборен круг, така и за вториот одреден лекар специјалист утврди дека од 71 апликација како што е утврдено, условите за гласање во сабота ги исполнуваат нови 50 болни и немоќни лица“, вели претседателот на ОИК Сенка Андреева.
Според неа, до ОИК имало барања за иземање од членови на избирачките одбори поради болест или резервирани летови и барањата веќе биле проследени до ДИК која треба да одлучи по нив.
Трката по првиот круг во Штип е многу тесна, води Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ со 13.966 гласови, пред Благој Бочварски од СДСМ со 13.930.
Единствено не се соопштува колку затвореници од штипскиот затвор ќе гласаат в сабота. Во првиот круг за гласање биле пријавени 240 лица кои потекнуваат од повеќе општини. Најверојатно, нивниот број е многу помал затоа што во повеќе општини изборите завршија уште во првиот круг.
Вкупно право на глас во Штип имаат 42.083 граѓани од кои во првиот круг гласале 68,88 проценти.
Т. ЈОВАНОВСКИ