БУГАРИТЕ ИЗБЕГАА СО ПАРИТЕ ЗА ПРУГАТА БИТОЛА – ГРЦИЈА ШТО ЈА ВЕТИ ВМРО-ДПМНЕ

    БУГАРИТЕ ИЗБЕГАА СО ПАРИТЕ ЗА ПРУГАТА БИТОЛА – ГРЦИЈА ШТО ЈА ВЕТИ ВМРО-ДПМНЕОд пругата што беше еден од главните предизборни проекти на ВМРО-ДПМНЕ во Битола се изгради само еден од 17 предвидени километри, конзорциумот предводен од бугарски компании на домашните фирми подизведувачи им остана должен за над еден милион евра, а околу 120 работници не зедоа поголем дел од платите за минатата година (Фото: СДК.МК)

    Шините од единствениот километар пруга што од Битола се изгради кон Грција на делови фаќаат корозија, а низ нив не ни помина воз. Трасата за останатите 16 километри железничка пруга која не се изгради, полна е со бари и кал. На терен нема работници, туку само расфрлен и неискористен чакал. Битолчаните кои ги затекнавме како минуваат низ старата индустриска зона до каде што стигнаа шините велат дека една година не виделе работници на терен.

    За два месеца ќе се наврши една година откако запреа градежните работи на железничката пруга од Битола за Кременица и грчка граница (Фото: СДК.МК)

    „Има булки, но ги нема шините. Тука чекан не заиграл од летото лани“, велат битолчани.

    За два месеца ќе се наврши една година откако запреа градежните работи на железничката пруга од Битола за Кременица и грчка граница. Еден од главните предизборни проекти на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, железничко поврзување со соседна Грција, заврши неславно. Пругата требаше да биде готова до 30 јули минатата година и еден крак да минува низ индустриската зона „Жабени“ за да носи производи и суровини кон Грција. Од 17 предвидени километри, се изгради само еден.

    Пратеникот и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој деновиве врши увиди насекаде да се слика пред проекти додека биле на власт,  ја посети и Битола, но не отиде да врши увид на пругата иако истата власт вети дека ќе ја изгради и ја пишуваше во сите изборни програми.

    Пратеникот и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој деновиве изврши увид на автопатот Скопје- Штип зашто бил нивен проект додека биле на власт, ја посети и Битола, но не отиде кај пругата иако истата власт вети дека ќе ја изгради и ја пишуваше во изборните програми (Фото: СДК.МК)

    Предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ на минатите парламентарни и локални избори најскапо ги чинеше работниците кои беа ангажирани на градбата на пругата. Конзорциумот предводен од бугарски компании на домашните фирми подизведувачи им остана должен за над еден милион евра. Околу 120 работници не зедоа поголем дел од  платите за минатата година. Иако останаа со празни џебови за сработеното, сепак за проблемот зборуваат неофицијално, не сакајќи нивните имиња и презимиња да се спомнуваат во јавноста.

    „Дел од фирмите тужевме  во домашните судови,  а некои поднесоа тужби и во Бугарија. Кај нас се одржа едно рочиште и на него не се појави никој од конзорциумот“, велат дел од работниците.

    Трасата за останатите 16 километри железничка пруга која не се изгради, полна е со бари и кал (Фото: СДК.МК)

    Тендерот за градба на железничката пруга го имаше добиено конзорциум составен од три бугарски и една македонска фирма. За изградба на пругата беа обезбедени 19,9 милиони евра од европските фондови. Колку од парите беа исплатени и каде завршија не се откри. Минатата година менаџерот на проектот Валери Барбунски тврдеше дека исплатени се сите фирми, а зошто „Понстрој инженеринг“ (една од фирмите) не им плаќа на подизведувачите не е негов проблем. Потоа од фирмата „Понстрој инженеринг“ изјавија дека исплатата кон нив доцнела и дека ќе  им  платат на подизведувачите. Во меѓувреме, тогашната опозиција обвини дека дел од фирмите го напуштиле конзорциумот. За случајот  никој кривично не одговараше.

    Лани во ноември министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски изјави дека државата го раскинала договорот со конзорциумот  и дека ќе се активира наплата на банкарската гаранција. За пругата најави дека ќе продолжи да се гради откако на тендер ќе се избере нов изведувач. Од тогаш , па до денес не е поставен ни еден дрвен праг од местото каде што се запре пред една година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира