ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ЗА МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА КОЈА НЕ МУ ПОМОГНАЛА НА ПАЦИЕНТ КОЈ ПАДНАЛ ОД КРЕВЕТ И СЕ ЈАВИЛ НА 112 ЗА ПОМОШ, ОД ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА ЖАЛАТ И ВЕЛАТ ТОА Е ИЗОЛИРАН СЛУЧАЈ

    ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ЗА МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА КОЈА НЕ МУ ПОМОГНАЛА НА ПАЦИЕНТ КОЈ ПАДНАЛ ОД КРЕВЕТ И СЕ ЈАВИЛ НА 112 ЗА ПОМОШ, ОД ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА ЖАЛАТ И ВЕЛАТ ТОА Е ИЗОЛИРАН СЛУЧАЈПротив медицинската сестра е поведена дисциплинска постапка, а таа од тој ден користи боледување, вели Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Велешката болница потврди дека пред месец и пол, пациент кој паднал од креветот два часа чекал помош па откако немало ни доктор ни сестра да му помогне, се јавил на бројот за итни случаи 112 и побарал помош. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов ова го кажа во подкастот „Зa секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК. Од Велешката болница велат дека тие информацијата ја добиле од ЦУК веднаш по настанот. Болницата започнала дисциплинска постапка за медицинската сестра, која неколку часови не се одѕвала на повикот од пациентот. Менаџментот на болницата жали за овој случај и силно го осудува.

    „Таков настан се случил на 22.01.2024 година, каде стациониран пациент на Оддел за физикална медицина и рехабилитација, во 02.27 минути се јавил на 112, по што од ЦУК е испратен официјален допис за настанот. Тогашниот директор веднаш презел соодветни мерки за овој несакан настан за медицинската сестра која ноќта била на работа, како би се спречиле во иднина други несакани случувања од овој вид. Против медицинската сестра е поведена дисциплинска постапка како би се утврдила фактичката состојба, а таа од тој ден користи боледување. Целокупниот персонал во болницата ги исполнува своите работни задачи одговорно и професионално. Ова е еден изолиран случај кој не можеше да биде предвиден и не смее да се одрази на целокупната слика на работењето во болницата“, соопшти Марина Андова, портпаролка Општата болница Велес.

    Во подкастот „За секого по нешто“, директорот на ЦУК Ангелов го кажа овој случај како бизарен пример, бидејќи и за вработените во Службата 112 било несфатливо лице кое е во болница да бара помош од Итна помош. Кога екипата на Итната помош по добиениот повик од пациентот се појавила пред вратата на Физикалното одделение, 40 минути не можеле да влезат оти вратата била заклучена, а клуч тоа утро околу 5 часот немал никој кој можел да помогне.

    „Нашите оператори мислеле најпрво дека станува збор за некое недоразбирање, оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднал од кревет и барал помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот. Кога нашите го префрлиле повикот во Брзата помош, тие биле збунети како сега да одат во болница да интервенираат. Нашите го контактирале и обезбедувањето, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат. Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош. Нашите мислеле дека умрел пациентот оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата“, кажа Ангелов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира