ДОДЕКА МВР БАРА ПРИТВОР ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, АКТЕРОТ ВЛАДО ЈОВАНОВСКИ НАСТАПИ ВО СЛЕПЧЕ

    ДОДЕКА МВР БАРА ПРИТВОР ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, АКТЕРОТ ВЛАДО ЈОВАНОВСКИ НАСТАПИ ВО СЛЕПЧЕМВР побара од Скопското обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи за водачите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски, за кои МВР бара од ОЈО под итно да бидат повикани на сослушување; - Владо Јовановски денеска настапи на црковно-народниот собир во Слепче (Фото: СДК.МК)

    Актерот Владо Јовановски, кој e меѓу лицата за кои МВР бара притвор поради организирање на протестите и нападот на Собранието во четвртокот, денеска настапи со перформанс во културно-уметничката програма на народниот собир, по повод на канонизирањето на Кипријан Слепченски за светец во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, демирхисарско.

    МВР побара од Скопското обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи на четири лица, за кои од МВР велат дека се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието во четвртокот. Станува збор за водачите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски, за кои МВР бара од ОЈО под итно да бидат повикани на сослушување.

    Со канонизирањето на Кипријан Слепченски за светец во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче раководеше архиепископот Стефан, а владицитете Агатангел и Петар упатија пораки за патриотизам и единство, со реторика иста како онаа на ВМРО-ДПМНЕ и на демонстрантите на „За заедничка Македонија“ (СДК.МК)

    Со канонизирањето во Слепче  раководеше архиепископот Стефан, а дел од владицитете на МПЦ кои денес учествуваа во канонизирањето упатија пораки за патриотизам и единство, со реторика иста како онаа на ВМРО-ДПМНЕ и на демонстрантите на „За заедничка Македонија“ .

    „Некои сакаат да ни ја украдат  унитарноста, независноста, да направат од нас луѓе без кичма, луѓе кои немаат достоинство. Но, затоа светата македонска црква постојано коленичи со верниците и го моли господа да ја чува и варди од сите зла и неволји. Затоа црквата ве повикува на единство , да се сплоти македонскиот народ, да бидеме една душа, едно тело и едно срце и да имаме една мисла. Ве моли црквата да се соединиме и заеднички да го оттргнеме  злото кое е навлезено во државата и црквата“, рече митрополитот повардарски Агатангел.

    Митрополитот преспанско-пелагониски Петар пак им порача на верниците да бидат вистински патриоти ако сакаат да имаат црква и држава. Тој за пример го посочи животот на Кипријан Слепченски, кој во минатото прострадал во маченичка смрт за да ја заштити црквата. Повикувајќи се на житието рече дека „на Велики четврток бил горен во дворот на црквата од Турци колунци, а се работи за Албанци источно од Корча, кои биле арамии и барале пари и не добиле и украле сѐ што можеле и светите мошти.“

    „Примерот што ни го оставиле како свети луѓе да го следиме, ако тоа не го правиме тогаш не можеме да очекуваме дека нашата црква и држава ќе опстојат. Ако сакаме да опстоиме, како што дал отпор како свет човек на Турците колунци, односно на Албанците источно од Корча , така и ние за одбарана на  нашата вера , за одбрана на нашата татковина истиот пример да го следиме. Зашто ние ако не сме вистински христијани, и вистински патриоти нема нема ниту црква да имеме, нема ниту држава да имаме. Амин!“, рече владиката Петар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира