ДОМОТ „КОПАНКИ“ НА ПЕЛИСТЕР ИЗГОРЕ ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ, СЕ ПОДИГА САМО ЗА ИЗБОРИ

    ДОМОТ „КОПАНКИ“ НА ПЕЛИСТЕР ИЗГОРЕ ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ, СЕ ПОДИГА САМО ЗА ИЗБОРИПопуларниот планинарски дом „Копанки“ изгоре во 2013 поради дефект од котелот за парно греење, а до денес никој не понесе одговорност (Фото: СДК.МК)

    По пет години од страотниот пожар, култниот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер не се подигна од пепелта. Наспроти ветувањата за негова обнова кои паѓаат пред секои избори, до денес останаа само рушевините. Ова ќе биде уште една зимска сезона во која гостите ќе ги пречекаат  урнатите ѕидови, расфрлените парчиња стакло, за’рѓаните железа, па и остатаоци од парниот котел каде избувна пожарот кој го проголта објектот во зимата, 2013.

    Досегашната локална власт и другите институции не се сетија барем ширинката пред домот каде одмараат посетителите да се поддотера со некоја нова клупа (Фото: СДК.МК)

    Жалната слика се проширува и на околниот простор. Досегашната локална власт и другите институции не се сетија барем ширинката пред домот каде одмараат посетителите да се поддотера со некоја нова клупа. Вака, местото изгледа како низ него да поминала војна. Искршени се старите клупи останати од времето на социјализамот, без потпирачии, железни конструкции со брутови на кои сигурно ќе ја скинете облеката.

    Екс градоначалникот Владимир Талески, вториот ден по пожарот се качи на „Копанки“ и вети дека општината финансиски ќе помогне да се обнови објектот (Фото: СДК.МК)

    „Ова ја покажува негрижата на власта во изминатите години за Битола и за Пелистер. Четири години се чекаше да се санира свлечиштето на патот. Шест години се чекаше да се смени сајла, па жичницата повторно да проработи, десет години никако се догради колекторскиот систем. Ова е една од првите ски патеки во земјава, а уште нема вештачки снег. По сето ова, уште колку време ќе се чека да се обнови планинарскиот дом Копанки?“, велат планинарите Никола Јовановски и Александар Талевски.

    ВМРО-ДПМНЕ иако повеќе од една деценија беа и централна и локална власт, на последните парламентарни избори ветија дека преку ЕЛЕМ ќе го изградат домот во 2018 година. Претходно во Парламентот и во Советот на Општина Битола гласаа против сите иницијативи на тогашната опозиција за да се издвојат пари од буџетот за обнова на домот (Фото: СДК.МК)

    Домот беше изграден 1938, а реновиран помеѓу 1960 и 1970. Беше култно место за многу генерации битолчани. Во него на чај се збираа планинарите, скијачите, зимувалците и летувалците. Живи се дури и некои од планинарските ветерани кои го граделе домот, носејќи на раце вреќи со градежни материјали.

    КЛУЧОТ ОД СОБАТА СО БРОЈ 13 ОСТАНА КАКО ПОСЛЕДЕН СУВЕНИР ОД ИЗГОРЕНИОТ ДОМ „КОПАНКИ“

    Домот „Копанки“ некогаш (Фото: СДК.МК)

    „Немаше патишта, одевме како по козји патеки, сè беше обраснато со папрат, да се качиш  не беше лесно. Градежните материјали ги носевме на коњи и на рамо. Од Битола тргнувавме во три часот наутро, со лепче од дома, се искачувавме горе и го градевме домот. Во лето и викенд цела ноќ спиевме на Копанки, па градевме сабота и недела“, вели планинарот Пеце Маричо.

    Планинарските ветерани Пеце Маричо (лево) и Перко Атанасовски го граделе домот носејќи на раце вреќи со градежни материјали (Фото: СДК.МК)

    Објектот во чија изградба вложија голем труд изгоре во пожар на 28 јануари, 2013. Претходно планинарско-скијачкиот клуб „Пелистер“ кој стопанисува со објектот, му го имаше дадено „Копанки“ даде под концесија на  приватник. Дента пред пожарот имаше забава со диџеи и промоција на сноуборд клуб. Вечерта, според тогашниот извештај на полицијата, домот се запали поради дефект од котелот за парно греење. До денес никој не понесе одговорност.

    Ексградоначалникот Владимир Талески, вториот ден по пожарот се качи на „Копанки“ и вети дека општината финансиски ќе помогне да се обнови објектот. Потоа рече дека е дивоградба и не може да се реновира дури не се легализира. Пред две години заврши постапката за легализација, но до денес ни тула не е поставена.

    Иако по пожарот многу институции, бизнисмени, поединци, иселеници ветуваа дека ќе дадат пари, на крај никој не даде ни денар, а имаше и такви кои ги повлекоа парите. Од планинарско-скијачкиот клуб „Пелистер“ кој стопанисува со објектот за САКАМ ДА КАЖАМ.МК рекоа дека се обратиле на повеќе места за помош, но немаат одговор.

    Изградбата на домот се актуелизираше со секои избори. ВМРО-ДПМНЕ иако повеќе од една деценија беа и централна и локална власт, на последните парламентарни избори ветија дека преку ЕЛЕМ ќе го изградат домот во 2018. Претходно, во Парламентот и во Советот на Општина Битола, гласаа против сите иницијативи на тогашната опозиција за да се издвојат пари од буџетот за обнова на домот. Предлози за негова градба почнаа да доставуваат откако станаа опозиција во Парламентот.

    Сега сите надежи се свртени кон новата градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, која во својата изборна програма вети дека „Копанки“ ќе го направи повторно место за чаенките на битолчани и другите посетители на Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира