Откако е донесена мерката за носење на заштитни маски досега, тетовската полиција изрекла над 12.500 казни за непочитување на заштитата од ковид-19. Носењето заштитна маска на лицето од средината на октомври стана задолжитено и во затворен и на отворен простор, па за изминативе речиси 3 месеци изречени се над 5.500 казни.
„Од вкупно 5.562 казни за неносење на заштита на лицето, во октомври биле изречени 2.130 казни, во ноември 1.789, а во декември 1.643. Тука се сите прекршувања на мерката на отворен простор, во возила, во објекти и слично. Од почетокот на мерката, за неносење маски на тетовското подрачје изречени се вкупно 12.512 санкции. Секторот за внатрешни работи Тетово и понатаму апелира до граѓаните целосно да ја почитуваат владината Уредба за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19. Потсетувам дека глобата за неносење заштита на лицето, според предвиденото во споменатата Уредба, изнесува 20 евра во денарска противвредност за физички и 2.000 евра за правни лица, плус 500 евра за одговорното лице“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.
Трендот на непочитување на уредбата за носење заштитна маска продолжува и во новата година. Од 1 до 3 јануари, до 7 часот наутро, изречени се вкупно 72 казни за неносење маски, а во изминативе 24 часа санкционирани се 62 лица кои ја прекршиле оваа уредба.
З. АНДОНОВ