ДВА МЕСЕЦА СЕ РЕКОНСТРУИРА ПРИСТАПНАТА УЛИЦА ДО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА

    ДВА МЕСЕЦА СЕ РЕКОНСТРУИРА ПРИСТАПНАТА УЛИЦА ДО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦАЖителите се жалат дека од дождовите целата улица се претвори во кал и не можат да излезат од дома. (Фото: СДК.МК)

    На почетокот на август годинава, Општина Тетово почна да ја реконструира улицата Јане Сандански која е пристапна улица до Клиничката болница во Тетово. Набрзо потоа, започна со реконструкцијата на улицата Димо Гавроски-Кара која е исто така поврзана со болницата. Сето тоа создаде сообраќаен метеж и отежнат пристап до болницата, а според активностите на терен работите нема да завршат во брзо време.

    „Два месеца не можат да направат една улица долга само 200 метри. Го тргнаа стариот асфалт, ја раскопаа и така остана. Ќе направат ископ за канализација, па ќе прекинат со работењето, ќе стават неколку метри електричен кабел, па ќе прекинат со работата, потоа нешто ќе ископаат со багерот и повторно ќе ги нема неколку дена и така, еве, цели два месеца ние не можеме нормално да живееме. Деновиве, кога заврна дождот и кога целата улица се претвори во кал, не можеме ни од дома да излеземе. Еве, денеска пак почнаа нешто да работат, ама кога ќе ја видиме улицата готова, не знаеме“, вели жител на улицата Јане Сандански.

    Додека на оваа улица има уште многу работа за да се заврши, на улицата Димо Гавроски-Кара, иако почна подоцна да се реконструира, работите се пред крај. Меѓу улиците во Тетово кои сега се реконструираат е и улицата Гоце Делчев која се наоѓа во горниот дел од градот. Оваа улица важеше за една од најоштетените во градот и жителите повеќе години бараа реконструкција. Таа започна кој крајот на јуни оваа година, но и после три месеци градежните работи сé уште траат, а треба да се реконструираат само 700 метри од улицата.

    Од Општина Тетово велат дека според постигнатиот договор со изведувачите овие улици ќе бидат готови во предвидениот рок.

    „За реконструкцијата на сите тие улици има договор и компаниите имаат рок кога треба да ги завршат. Првата улица која треба да стигне до фаза на асфалтирање е улицата Гоце Делчев. Улицата Димо Гавроски-Кара брзо ќе биде асфалтиранаа, а кај улицата Јане Сандански имаше поголем длабински зафат, но очекуваме до 20 овој месец таа да биде завршена“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

    Парите за реконструкцијата на овие улици како и за улицата Ленин, која исто така е во фаза на реконструкција, се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски од Светска банка.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира