Двајца медицински работници во Клиничката болница во Штип се позитивни на КОВИД-19, а шест вработени кои имале контакт со нив се во изолација. Директорот на болницата Ален Георгиев вели дека еден од заразените е од инфективното одделение, а вториот од одделот за физикална терапија.
„Уште шест вработени од кои двајца доктори, три медицински сестри и еден лаборант поради контакт со позитивните се во самоизолација. Не е исклучена можноста пoвторно на Инфективното одделение во Штип да бидат ангажирани инфектолози од Струмица“, вели директорот Геориев.
Денеска од Инфективното одделение во Штип поради сериозна клиничка слика пациент со коронавирус е пратен на клиниките во Скопје, а едно оздравено лице е пуштено на домашно лекување. Вкупно хоспитализирани се 24 пациенти, од кои четворица се на повремена кислородна подршка.
Бројката на новодијагностицирани пациенти од тестирањето во Штип е намалена. Од 33 тестирани позитивни тестови има кај 25 пациенти, од кои петтмина се од Пробиштип.
Т. ЈОВАНОВСКИ