Двојно е зголемен бројот на битолчани со скршеници, потврдија од Клиничката болница во Битола. Ваква е ситуацијата по снежните врнежи и ниските температури кои само во текот на ноќта паднаа до -20 степени Целзиусови, па предизвикаа и подмрзнување на улиците. Од болницата велат дека медицинските екипи во Одделението за ортопедија се зголемени, а салите работат деноноќно.
„Бројот на скршеници е за педесет проценти зголемен откако падна снегот. Најголем е бројот на постари лица со скршеници. Состојбата е последица на студот, мразот и големата радвиженост за празниците. Ортопедското одделение е преполно со пацинети, се прават напори одредени пацинети да се препуштат на Физикалното одделение. Екипите во Ортопедското одделение се зголемени и салите работат деноноќно. Се апелира старите лица без потреба да не изглегуваат, бидејќи кај нив рехабилитацијата од скршеници е многу тешка“, вели Сузана Конеска, портпарол на Клиничката болница од Битола.
Од Јавното претпријатие „Нискоградба“ велат дека исчистени се улиците од прв и втор приоритет, а до денес се фрлени околу 190 тони сол и 120 метри кубни ризла.
„Ниската температура нормално дека го отежнува чистењето на улиците. Плус, има возила паркирани по коловозите и има опасност од лизгање. Се подготвуваме за утре и четврток кога се очекуваат нови врнежи снег од 25 до 30 сантиметри“, рече Методија Сијалновски, директор на „Нискоградба“.
Битола деновиве е најстуден град во Македонија, со минимални температури од -20 степени и дневни одвај до -7.
Ж. ЗДРАВКОВСКА