ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИ БАРААТ ПОЛИЦИЈА ЗА ДА ВЛЕЗАТ ВО САРАЈ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ ВЕЛИ НИКОЈ НИШТО НЕ ПАЛИ

    ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИ БАРААТ ПОЛИЦИЈА ЗА ДА ВЛЕЗАТ ВО САРАЈ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ ВЕЛИ НИКОЈ НИШТО НЕ ПАЛИ„Никој од нашите инспектори не регистрирал таква појава, ниту јас сум забележал дека се палат ниви. Доколку од Град Скопје утврдиле такво нешто ги повикувам да не информираат и заедно да седнеме и да најдеме решение за овој проблем“, вели Беџети.(Фото: СДК.МК)

    Жителите на Општина Сарај секој ден ги палат нивите и поради тоа се шири чад и реа во соседните општини Ѓорче Петров и Карпош, велат од Инспекторатот на Град Скопје. Но, и покрај тоа што знаат од каде доаѓа загадувањето, велат дека не можат да интервенираат оти добиваат закани од населението.

    „Неколку пати изминативе денови инспектори од Град Скопје беа во Општина Сарај, но не можеме ништо да направиме. Не сакаат да се легитимираат и ни се закануваат, не дозволуваат ниту да пристапиме до местата каде палат, ни велат ‘нема да излезете од тука‘. Ќе бараме асистенцијата од Министерството за внатрешни работи оти инспекторите стравуваат и не се сигурни. За решавање на овој проблем потребно е секој ден да има патроли на полицијата, која ќе интервенира доколку се палат огнови“, вели Мирослав Богдановски, реководител на Инспекторатот на Град Скопје.

    И покрај тоа што за палење на огнови на отворено треба да интервенираат и општинските инспектори, тие не реагираат. Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети ни изјави дека немал информација оти се палат ниви во неговата општина и со тоа се загадува животната средина.

    „Никој од нашите инспектори не регистрирал таква појава, ниту јас сум забележал дека се палат ниви. Доколку од Град Скопје утврдиле такво нешто ги повикувам да нè информираат и заедно да седнеме и да најдеме решение за овој проблем“, вели Беџети.

    Од Град Скопје велат дека на жителите се обидувале да им ја презентираат мерката која ја воведоа за бесплатно собирање на остатоците од нивните, но жителите не сакале ниту да ги чујат.

    „Обезбедивме камион кој бесплатно ќе дојде и ќе им го собере ѓубрето и остатоците од отпадот на нивните кои ги обработуваат. Но, залудно, нема разбирање и затоа е потреба поголема акција во која ќе се вклучат и другите институции“, додава Богдановски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира