ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС СЛАВЧО ЧАДИЕВ ОСУДЕН НА 6 МЕСЕЦИ УСЛОВНО ЗА КОРИСТЕЊЕ СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА ЗА ПРИВАТНИ ЦЕЛИ

    ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС СЛАВЧО ЧАДИЕВ ОСУДЕН НА 6 МЕСЕЦИ УСЛОВНО ЗА КОРИСТЕЊЕ СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА ЗА ПРИВАТНИ ЦЕЛИЧадиев и Колев имаат обврска на Општина Велес да ѝ исплатат надомест на штета од по 85.300 денари, во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата. (Фото: СДк.МК)

    Ексградоначалникот на Велес Славчо Чадиев и експретседателот на Советот на Општината Александар Колев се прогласени од Основниот суд Велес за виновни за сторено кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Двајцата неправосилно добија условни затворски казни од по шест месеци, ако во период од две години не сторат ново кривично дело.

    Чадиев и Колев имаат обврска на Општина Велес да ѝ исплатат надомест на штета од по 85.300 денари, во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата.  Доколку не ја платат во рокот, ќе следи затворската казна.

    „Општина Велес има Правилник за користење и одржување на службените моторни возила донесен 2008 година, Правилник и Наредба за користење и одржување на службените моторни возила од 2016 година, кои се донесени токму од тогашниот градоначалник Чадиев. Во нив е точно регулирана постапката за користење  и чување на службените возила. Таа постапка не е почитувана и со тоа на Општина Велес и е причинета материјалната штета“, ја образложи пресудата судијата Шефшет Адеми.

    Обвинителката Славица Темелковски во завршниот збор кажа дека обвинетиот Чадиев дозволил усно, Колев да го користи возилото, без да се евидентира и без да се даде извештај каде, кога и од кои причини е користено возилото, што претставува пропуст.

    „Ова зборува за искористување на службената положба на двајцата обвинети заради остварување на имотна корист“, кажа Темелковски.

    Бранителот на обвинетите Коста Нојков најави жалба на пресудата бидејќи Обвинителството не дало никаков доказ дека двете службени возила се користени за приватни цели.  .

    „Три години сум по судови и сите обвиненија против мене се политички, оти се поднесени од СДСМ или актуелниот градоначалник“, рече Чадиев.

    Според обвинението  во периодот од 23 фвруари 2014 година до 9 август 2016 година, тогашниот градоначалник Чадиев усно дозволил на тогашниот претседавач Колев во повеќе наврати да користи две службени моторни возила за приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето. Колев во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598 денари, за кои била извршена исплата од сметката на Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира