Утре во Охрид ќе пристигне експертски тим на УНЕСКО кој ќе изврши мониторинг на неколку локации во градот и неговата околина. Сакаат да се уверат колку Охрид се придржува кон стандардите на оваа организација која заедно со Охридското Езеро го има Охрид ставено на листата за светско наследство.
Неофицијално, ќе се врши увид на состојбите на Плаошник, на хотелот во Лагадин, на проектот експресен пат до Свети Наум, како и на просторот на планината Галичица каде се планира да се изгради скијачки центар.
Кога на 11 декември, 2013 во Охрид престојуваше експертски тим на УНЕСКО, покрај другото, имаше забелешки на каттноста на објектите што се градат на Плаошник. Имено, таму се гради Свети Климентовиот универзитет со бројни придружни објекти.
„Ние постапивме според сугестиите на претставниците на УНЕСКО. Намалена беше катноста на некои објекти. Тоа беше нивната главна забелешка за Плаошник. Други забелешки не слушнавме. И понатаму строго ќе ги почитуваме стандардите што се пропишани за еден град кој се наоѓа на листата на заштитени градови на УНЕСКО“, вели Тања Паскали -Бунташеска, директорка на Охридскиот Завод и музеј.
При последниот мониторинг, претставнициуте на УНЕСКО не дадоа изјави за јавноста, туку своите забелешки ги испратија по заминувањето од Охрид.
Сега во Охрид ќе се соочат со нова состојба. Екологистите тврдат дека на Плаошник се случи бетонирање на просторот. Во Лагадин се изгради нов хотел кој директно ја загрози животната средина поради што беше запрена неговата градба. Се подготвува изградба на пат за Пештани над постојниот. Конкретни зафати нема, но најави има.
Интересни ќе бидат нивните забелешки за бетонирањето на Охридското Блато. Деновиве, еко-активистите соопштија дека градиначалникот Бакрачески се откажал од намерата овој простор да се искористи за изградба на марина и други објекти.
„Се прашуваме дали оваа најава не дојде токму поради доаѓањето на експертски тим на УНЕСКО во Охрид. Тоа е само еден обид меѓународните претставници да се доведат во заблуда. Локалната власт знаеше дека тие доаѓаат, па затоа ја пласира оваа информација”, велат активистите.
Од локалната власт, преку блиски до неа медиуми соопштија дека на претстаниците на УНЕСКО ќе им ја доставеле целата потребна документација и оти се уверени дека ќе нема нови забелешки во однос на заштитата на градското јадро и Охридското Езеро.
Д. ЧУБРИЌ