ЕВН ЗАМИНА ВО БАРОКНАТА ГРАДСКА КУЌА И ЈА ОСТАВИ ГРДОТИЈАТА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ОД ЕСМ ВЕЛАТ НАЕСЕН ЌЕ ПРАВАТ МОДЕРНА ФАСАДА

    ЕВН ЗАМИНА ВО БАРОКНАТА ГРАДСКА КУЌА И ЈА ОСТАВИ ГРДОТИЈАТА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ОД ЕСМ ВЕЛАТ НАЕСЕН ЌЕ ПРАВАТ МОДЕРНА ФАСАДА„Заедно со Град Скопје работиме на изработка на идејно решение за изгледот на зградата. Фасадата ќе биде стаклена и модерна. Се надеваме дека во втората половина од годината ќе почнат градежните работи“, вели директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седум години, зградата каде до пред неколку месеци беше сместена ЕВН, а сега ја користи само државната компанија ЕСМ, е без фасада и стои како грдотија во строгиот центар на градот. Оваа зграда беше еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години, но на барање на тогашниот премиер Никола Груевски во 2013 за да се вклопи во неговиот озлогласен проект „Скопје 2014“, австриската компанија почна со отстранување на стаклената фасада за да прави барок од стиропор од 4,3 милиони евра.

    Градежните работи за реконструкција на зградата беа стопирани пред 4 години, односно од февруари 2016, кога се запали фасадата. Потоа дојде до промена на власта, ЕСМ доби директор од СДСМ и беше побарано од газдите на ЕВН да се откажат од проектот за барок и да го вратат некогашниот изглед на зградата.

    „Се разгледуваат можности, меѓу кои и промена на неокласичниот изглед кој беше предвиден со проектот за реконструкција во 2013. Решението кое ќе се избере сакаме да биде соодветно за централното градско подрачје. Нема да има никакви дополнителни финансиски импликации, бидејќи зградата е во таа фаза кога не е почнато да се гради новата фасада“, рекоа од ЕВН за САКАМДАКАЖАМ.МК во мај 2018.

    Но и покрај најавите, фасадата не почна да се гради, бидејќи ЕВН и ЕСМ не можеа да се договорат за финансирањето. Потоа, ЕВН реши да ги продава деловните простории за да се сели од зградата, па не им паѓаше на памет да инвестираат во фасадата. Во декември лани, ЕВН за 12,7 милиони евра ја купи Градската куќа на кејот на реката Вардар, која градоначалникот Петре Шилегов ја стави на продажба бидејќи не била соодветна за градската администрација и немала доволно простор за сите вработени.

    Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека досега не можеле да интервенираат на фасадата бидејќи и ЕВН биле газди, но сега откако и на документ не се повеќе сопственици, се отвора можност да се прави фасадата.

    „Ние го откупивме делот на ЕВН, односно 4 ката од зградата, дел од приземјето и земјиштето под зградата за 2,2 милиони евра. Сега, заедно со Град Скопје работиме на изработка на идејно решение за изгледот на зградата. Фасадата ќе биде стаклена и модерна. Се надеваме дека во втората половина од годината ќе почнат градежните работи. Кога ќе завршиме со фасадата ќе ја реновираме и внатрешноста на зградата“, вели Ковачевски.

    Зградата е изградена 1962 и е еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никуљски кон крајот на 1970-тите години  и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира